ПЛАНИНАРЕЊЕТО МЕ КРЕНА ОД КРЕВЕT, ВЕЛИ 65-ГОДИШНА СКОПЈАНКА ШТО СЕ ИСКАЧИЛА НА СИТЕ БАЛКАНСКИ ВРВОВИ

    ПЛАНИНАРЕЊЕТО МЕ КРЕНА ОД КРЕВЕT, ВЕЛИ 65-ГОДИШНА СКОПЈАНКА ШТО СЕ ИСКАЧИЛА НА СИТЕ БАЛКАНСКИ ВРВОВИСара Сарева е единствената жена од планинарското друштво „Бистра“ која на пропуштила ниту еден врв (Фото: од личната архива на Сарева)

    Сара Сарева (65) од Скопје, баба на четири внуци успеала за неколку години да се искачи на најголемите балкански врвови и тоа по пет пати, а некои врвови во Македонија ги освоила повеќе и од 30 пати. Само ова лето Сарева била на четирите највисоки врвови на Балканот, Кораб (2.764 метри ) од македонската страна и од страната на Албанија која се смета за многу тешка патека, потоа на Олимп (2.914 ) во Грција и во Бугарија на Вихрен (2.917 )  и Мусала (2.925 метри) .

    „Со планинарење започнав пред 20 година кога имав сериозни проблеми со ‘рбетот. Речиси еден месец бев во кревет. Кога малку се подобри состојбата го послушав советот на докторите да се движам, по можност на планина. Така започна моето секојдневно пешачење од Жена парк во центарот на Скопје до Водно, каде сега се наоѓа крстот. Проблемите со ‘рбетот и ги надминав, па кога се зачленив во планинарскиот клуб „Бистра“ започнаа вистинските планинарски предизвици. На Титов Врв се имам искачено 20 пати, на Љуботен 30 пати, 25 пати сум била на Езерска Чука на Мал Турчин 25 пати, на Бакардан 30 пати , на Пелистер во зимски услови 15 пати, 20 пати сум била на врвот Солунска Глава, а на највисокиот врв во Македонија, Кораб 13 пати. На Кораб ќе одиме и сега, во празничните денови, заедно со планинари од Белград со кои како планинарски друштва сме збратимени“, вели Сара, а за највисоките врвови во соседните земји додава:

    „Летово прво бевме на врвот Олимп во Грција, а веднаш потоа се упативме кон врвовите во Бугарија. На Мусала бевме на крајот од август. Тоа беше мое седмо искачување на највисокиот врв на Балканот. Досега се искачувавме во зимски услови, а ова беше прво во летен период. Затоа пак јас и групата составена од искусните планинари на ‘Бистра’ од Скопје, Бура Сали, Влатко Лазаров, Зинур Љуш и Зоран Најдовски за 24 часа се искачивме два пати. Првиот пат пред зајдисонце, а кога се вративме во планинарскиот дом решивме рано наутро да се искачиме и на изгрејсонце, кога глетката е прекрасна. Сепак за нас далеку потешка патека е за врвот Мајовица (2.729) на Рила Планина каде теренот е стрмен и целосно карпест. Овој врв прв пат го искачувам, а на Рилските Езера сум била шест пати,“ вели Сара која пред да се пензионира била вработена во фабриката за теписи „Македонски фолклор“ во Скопје.

    Сарева потекнува од пробиштипскиот крај, но кога се омажила се преселила во Скопје. Живее во населбата Бутел. Има ќерка и син и по две внучиња од нив на возраст од 12 до 15 години. По смртта на сопругот и децата инсистирале повеќе да шета и да планинари. Располага со комплетна опрема за таа цел. Вели дека можат да ги освојуваат и европските врвови, но финансиите не го дозволуваат тоа .

    „Планинарам и за моите внуци Викторија, Марко, Мила и Ива. Во чест на нивните родендени пет пати го имам изодено големиот планинарски марш Богомила-Скопје. Неколку пати по планините сум била и со внучињата. Подготвувам нов предизвик. Сите поголеми планински врвови планирам догодина да ги искачам со внучињата. Само здравје да нѐ служи, балканските врвови ќе бидат наши“, вели Сарева.

    Т. ЈОВАНОВСКИ 

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира