ПО 13 ГОДИНИ ИЗЛЕЗЕ ВИДЕОИГРАТА „ГТА 6“, ФАНОВИ ЗЕМАЛЕ ОДМОР И БОЛЕДУВАЊЕ ЗА ДА МОЖАТ ВЕДНАШ ДА ЈА ИГРААТ

    ПО 13 ГОДИНИ ИЗЛЕЗЕ ВИДЕОИГРАТА „ГТА 6“, ФАНОВИ ЗЕМАЛЕ ОДМОР И БОЛЕДУВАЊЕ ЗА ДА МОЖАТ ВЕДНАШ ДА ЈА ИГРААТСо околу 10 милиони преднарачки по просечна цена близу 100 долари, ‘ГТА 6‘ ќе заработи една милијарда долари во моментот кога ќе биде пуштена во употреба (Фото: АП)

    Деновите за одмор се резервирани, милиони копии од играта се однапред нарачани и вчитани, а еден гејмер дури побарал од својата сопруга писмено да му вети дека нема да го прекинува.

    По 13 години чекање, конечно е тука едно од најголемите изданија во светот на забавата. „Grand Theft Auto VI“ (ГТА 6) излезе денеска, враќајќи ги играчите во Вајс Сити и тестирајќи дали „Рокстар гејмс“ може да ја следи една од најпродаваните видеоигри некогаш направени со уште еден културен и комерцијален феномен.

    Најновата верзија ќе може да се игра од полноќ по локално време на „Плејстејшн 5“ и „Иксбокс серија Икс‘Ес“, што значи дека играчите во Азија и во другите региони ќе почнат да се вклучуваат во играта неколку часа пред нејзиното објавување во САД. Нов Зеланд беше меѓу првите земји каде што играчите можеа да пристапат до играта, а тамошните интернет-провајдери се подготвуваа за пораст на преземањата како што ќе дојде полноќ.

    „Големината на играта од 212 гигабајти е без преседан. Тоа е повеќе од една четвртина од просечното месечно користење податоци во домаќинствата, сè одеднаш“, рече Курт Роџерс, менаџер за мрежна стратегија во „Chorus New Zealand“.

    Очекувањата се исто така огромни, а и првите критики велат дека е ремек-дело.

    Франшизата „ГТА“ има продадено повеќе од 470 милиони копии низ целиот свет од 1997, а само петтиот дел, објавен во 2013, сочинува повеќе од 230 милиони од тие продажби и достигна една милијарда долари во малопродажба за само три дена.

    „Рокстар“ се враќа во Вајс Сити, нејзината измислена верзија на Мајами, со двајца нови протагонисти. Во центарот на „ГТА 6“ се Лусија Каминос и Џејсон Дувал, чии обиди да ги подобрат своите животи ги носат подлабоко во криминалното подземје на Леонида, измислената верзија на Флорида. Лусија неодамна е пуштена од затвор, додека Џејсон е поранешен војник кој работи со дилери на дрога. Кога криминалната работа тргнува наопаку, двојката се заплеткува во поширок заговор.

    Според американската платформа „БамбуХР“, барањата за платено отсуство за денот на лансирањето на играта се околу 13% поголеми од вообичаениот ноемвриски ден, а веројатно е дека и други вработени ќе се јават како болни в четврток.

    Сингапурскиот гејмер Џулијан Теј објави на социјалните мрежи дека составил договор од пет точки за својата сопруга, кој ги опфаќа првите 10 дена по лансирањето и предвидува кога мисиите можат да бидат прекинати, а кога се дозволени прегратки, бакнежи и обврски.

    И некои компании ги фаќа еуфоријата. „Логитек“, кој произведува хардвер за игри, им дава на вработените дополнителен слободен ден наречен „Ден на игри“.

    „Со околу 10 милиони преднарачки по просечна цена близу 100 долари, ‘ГТА 6‘ ќе заработи една милијарда долари во моментот кога ќе биде пуштена во употреба, пред некој да ја игра“, рече Јост ван Друнен, професор по игри на Школата за бизнис „Стерн“ во Њујорк.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира