По македонските патишта повторно вози автомобилот кој се користеше во првата македонска комедија, играниот филм „Мирно лето“ од 1961. Олдтајмерот е марка „фиат балила“ и е произведен во 1932. Сега е сопственост на Стефан Ѓорчев од Свети Николе.
„Го купив од скопјанецот Стево Милошевски. Годинава го оспособив за да биде во возна состојба. Го користам секојдневно, не за работни обврски, туку да завршам некоја приватна работа. Користи бензин 84 октани, но бидејќи таков нема, сега употребувам 95-ка“, вели Ѓорчев.
На изложбата на стари, а подвижни автомобили во Велес имаше шеесетина модели, не само од Велес и од Македонија, туку и од Србија, Хрватска и Бугарија.
„Како што можевме да видиме, кај велешани има интерес за олдтајмери, има посетеност, што ни дава мотив за следни изложби“, кажа Ристе Мулев, претседател на здружението „Кралеви на улицата“, кое беше организатор на изложбата.
Велешани покажаа голем интерес, се фотографираа и ги разгледуваа старите автомобили.
„Мојот автомобил е ‘фиат 850 спорт купе‘ произведен во 1970 година. Љубовта кон олдтајмерите ми е од детството и уживам во нив. Имам пет возила, и ‘фиќо‘ и ‘мерцедес‘, сите мои возила се во подвижна состојба“, рече Давор Шкрњух од Осиек, Хрватска.
Автомобилот попознат како „спачек“ на нишлијата Јосиф Костиќ е произведен во 1972 година. И сите години е сопственост на неговата фамилија. Тој е семејна гордост.
„Овој автомобил е познат и по прекарот грдото пајче. Набавен е од татко ми, тој возел ‘ситроени‘. Ова е втората или тратата генерација од оваа марка. За ‘спачекот‘ велат дека не е само автомобил, туку и начин на живот“, рече Костиќ.
Иако има само 17 години и е средношколец, младиот велешанец Александар Мирчевски го наследи и продолжи хобито на татко му. Тој има „пежо“ од 1951 и „капри“ од 1974 година, едниот врсник на неговиот татко, другиот на дедо му.
„Двата автомобила се купени од Крушево, репарирани се скоро две години и се во движна состојба. Имаше доста работа. Гаражирани се и сега не се користат“, вели Мирчевски.
Некои од колекционерите имаат еден, некои две-три а други и по пет-шест возила. Љубовта кон олдтајмерите е вечна. Тие со гордост ги покажуваат нивните љубимци, шетајќи ги по патиштата на Балканот.
„Петнаесет години сум со олдтајмери, случајно влетав, но, еве, ме држи толку време. Ова е ‘мерецедес‘ од 1950, прва серија која се работела како лимузина, дотогаш биле со хауба како трактор. Го купив во Осиек, 35 години бил чуван во гаража, а една година го репарирав. Беше здрав, го поправив само моторот. Патувам на овие средби, бев во Скопје, Србија и Босна“, вели Бранко Капетановиќ од Нашице, Хрватска.
Вниманието на велешани го привлекоа бројни раритетни автомобили, кои и натаму можат да се забележат по македонските улици во различни пригоди. Различно годиште, различни модели, но сите уникатни. Воздишки мамеше и примерокот на „морган“ од британско производство.
„Вљубеник сум во автомобили. Шетајќи ги музеите за стари автомобили, се решив за овој модел. Уживам во возењето, бидејќи е кабриолет. Го користам за викенди, кога деновите ги минувам надвор од Скопје“, кажа Зоран Илиќ.
Ова е четврта изложба на олдатајмери во Велес, ситe во организација на „Кинг оф д стритс“, помогнати од Општина Велес.
П. ПЕЧКОВ