ПОЧИНА СТАНИСЛАВ ПЕТРОВ, ЧОВЕКОТ КОЈ ГО СПАСИ СВЕТОТ ОД НУКЛЕАРНА ВОЈНА

    ПОЧИНА СТАНИСЛАВ ПЕТРОВ, ЧОВЕКОТ КОЈ ГО СПАСИ СВЕТОТ ОД НУКЛЕАРНА ВОЈНАНеговата приказна се слушна дури по распадот на Советски Сојуз. - Станислав Петров (Фото: АП)

    Станислав Петров, поранешниот офицер на советската војска кој го спаси светот од нуклеарна војна, почина на 77-годишна возраст во Москва.

    Задолжен за надгледување на сателитскиот систем на својата земја, Петров бил на должност во раните утрински часови на 26 септември 1983 година, кога се огласил алармот дека САД испукале неколку интерконтинентални балистички проектили.

    Заклучувајќи дека станува збор за лажен аларм, Петров донесол одлука да не ги извести надлежните за инцидентот и со тоа буквално го спасил светот од уништување.

    Светот за ова дозна неколку години подоцна, исто како и во случајот со неговата смрт, имајќи предвид дека тој починал уште во мај. Ова се откри дури кога германскиот политички активист Карл Шумахер се обидел да го исконтактира Петров преку неговиот син, со цел да му честита роденден.

    „Сирената почна да завива, но јас само седев неколку секунди, гледајќи во голем црвен екран, на кој пишуваше ‘лансирај‘. Ги имав сите потребни податоци дека нуклеарен напад е во тек. Доколку го проследев извештајот кон повисоките инстанци, никој немаше да каже ништо против. Се што требаше да направам е да кренам слушалка и да им јавам на командантите, но не можев да мрднам. Имав чувство како да седам на вжештено столче“, изјави Петров во интервјуто за Би-Би-Си во 2003 година.

    Место да ја извести командата на советската армија, како што бил обучуван, Петров му се јавил на дежурниот офицер и пријавил грешка во системот. Доколку не бил во право, првите ракети би удриле во Советски Сојуз само неколку минути подоцна.

    „Дваесет и три минути подоцна сфатив дека ништо не се случи. Тоа беше големо олеснување“, кажа Петров.

    Подоцна било утврдено дека советските сателити ја замениле сончевата светлина што се одбива од облаци за мотори на интерконтинентални балистички проектили.

    Неговата приказна се откри дури по распадот на Советскиот Сојуз и Петров прими низа меѓународни признанија во последните години од животот.

    „Не сум никаков херој. Тоа ми беше работа, но светот имаше многу среќа што јас бев на смена тоа утро“, рече Петров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира