ПОТРЕБНА Е НОВА ЉУБОВ ЗА ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ ОД НЕСРЕЌАТА  „СКОПЈЕ 2014“, ВЕЛИ АРХИТЕКТОТ ПЕТРОВ ВО „ГРАД БЕЗ ЉУБОВ“

    ПОТРЕБНА Е НОВА ЉУБОВ ЗА ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ ОД НЕСРЕЌАТА  „СКОПЈЕ 2014“, ВЕЛИ АРХИТЕКТОТ ПЕТРОВ ВО „ГРАД БЕЗ ЉУБОВ“Александар Петров е архитект кој дипломирал на универзитетот во Ферара, Италија, стручно се усовршува во Загреб, а од 2006 работи во Италија; - на промоцијата на книгата „Град без љубов“ (Фото: А. Ситновски) 

    Книгата „Град без љубов“ на архитектот Александар Петров која беше промовирана во Кино Култура, а е издание на „Темплум“, предизвика големо внимание во јавноста, па и самиот автор изненадено и радосно вели:„Среќен сум што е целта постигната, а тоа е да се почне дебата за Скопје, за последиците од изминатите 11 години кога во времето на вмроизмот градот беше урбанистички и градежно силуван, и трајно уништен“.

    Петров, кој дипломирал на универзитетот во Ферара, Италија, стручно се усовршува во Загреб, а од 2006 живее и работи во Милано,  во своите колумни кои ги објавуваше од 2013 до 2016 година, во како што вели “ударните опозициски портали“, а пред сѐ поради одгласот што го добивал од јавноста, одлучил колумните да ги објави во книга за да почне стручната и јавна расправа за тоа што понатаму.

    „Град без љубов“ се оценува како вид на урбан популизам кој се стреми да потикне стручна и граѓанска дебата за тоа што по градежниот шут на „Скопје 2014“

    И самиот тој, и рецензентите архитектите Невена Георгиева и Дејан Ивановски, авторката на поговорот Александра Шекутовска Докоска, и дизајнерката и активистка Даниела Симоновска која моментално во Берлин развива урбани креации со акцент на Скопје, оваа книга ја сместуваат во урбаниот активизам.

    „Живееме во ерата на граѓанското општетство. Граѓанските иницијативи и ангажираниот активизам се најсилни и највлијателни во цела Европа. Таргет на оваа книга е граѓанинот, најшироката јавност врз која треба да се влијае да ја зголеми свеста за архитектонските и урбанистичките планови. Има многу аспекти кои во Скопје треба да се поправаат, а ние фрливме пари за кршот ‘Скопје 2014’. Се работи за класичен непрофесионализам во целиот проект. Архитектурата е важна, меѓу другото, и по естетиката и важноста на пропорциите, а лавовите на пример ако оживеат, ќе паѓаат на глава зашто таа им е несразмерно поголема од телото“, вели Петров.

    Тој сите, како што вели, т.н. споменици, скулптури, објекти ги нарекува градежен отпад, и вели оти е време да се размислува како натаму, за што во колумните има и некои решенија.

    „Овде единствен начин за заработка на општините е тие да го продаваат земјиштето, што е апсурд. Општините мора да имаат планови за самоодржливост на просторот, а не нивна узурпација и приватизација“, зборува Петров за односот на една од темите, а тоа е јавниот простор што во Скопје се изгуби, а со тоа и социо-културолошкото значење на тој заеднички граѓански простор.

    Петров смета дека е поминато доволно долго време и дека сите структури се свесни оти нешто мора да се менува, а дека текстовите му биле иницирани од градежно силување и експанзијата коишто пошироката демократска јавност неспремно ги дочека за каков било отпор или јавна дебата, сѐ во услови на сеопшт административен колапс и узурпација.

    Рецензентката Георгиева вели дека Петров како да сака да нѐ потсети на нешто основно, а тоа е право на град, и да нѐ повика да го заземеме она што како на граѓани ни е дадено: правото на живеење во основни стандарди и можности во индивидуалното и колективното егзистирање во градот.

    Книгата е структурирана во два дела. Првиот зборува за приликите во градот, неговите аномалии, општата култура на поимањето на архитектурата, а вториот има компаративно значење каде што авторот зборува за културните вредности на градот, преку примери од други градови во Европа и во светот.

    Во воведот Петров зборува за празнините во социјалистичко Скопје, и подоцнежното немање адекватни решенија, потоа за првите оштетувања на градот со транзицијата, и се осврнува главно на последните 11 години, па вели;„ Потребна е јавна љубов и нова сила за Скопје да може да го врати својот градски интерес и конечно да излезе од несреќата која го затекна. Првиот дел на борбата која се водеше против проектот заврши. Таа се изгуби, грдите изданија се изградија. Сега почнува втората фаза на јавниот револт која ќе мора да се манифестира преку прашањето: што ќе се прави со овој градежен шут?“

    Целата стручна јавност го поздрави овој критички документ, како што го крстија, во низата акции и активности кои беа спроведувани од архитектите изминативе години, физички бранејќи некои објекти како ГТЦ, искажувања по медиумите и по социјалните мрежи, подготвено влегувајќи во новата фаза на враќање на љубовта кон Скопје.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира