Предмети од поранешни американски претседатели, како прамен од косата на Џорџ Вашингтон и знамето со кое бил покриен ковчегот на Абрахам Линколн, ќе бидат ставени на аукција на 22 ноември онлајн и во живо во галериите „Арадер“ во Њујорк.
„Правиме аукција на голем број предмети поврзани со американската историја кои некогаш се појавиле на продажба“, рече Арлан Етингер, директор на аукциската куќа „Гернси“ во Њујорк.
Еден од предметите е праменот на косата на Вашингтон, првиот американски претседател, кој почина во 1799. Побелената коса е зачувана во медалјонот што му бил даден на семеен пријател и се пренесува на генерациите. Исто така, има и американско знаме со кое било обвиен ковчегот на Линколн додека се пренесувал во 1865 од Вашингтон до Спрингфилд, Илиноис, каде што е погребан.
Етингер вели дека знамето е проценето од 800.000 до 1,2 милиони долари, иако било тешко да се даде вредност на таков уникатен предмет.
Реткото знаме со 49 ѕвезди што датира од периодот во 1959 откако Алјаска се приклучи на САД, но пред да се додаде Хаваи, исто така ќе биде меѓу предметите што се на аукција. Тоа знаме беше во Белата куќа за време на претседателствувањето на Двајт Ајзенхауер.
На аукцијата ќе бидат опфатени и претседателски портрети од фотографското студио „Бахрах“, повеќето никогаш досега невидени во јавноста, и портрет на Линколн од Френсис Бикнел Карпентер како студија за неговата слика „Прво читање на прогласот за еманципација од претседателот Линколн“, која виси денеска во зградата на Капитол на САД.
„Не знаеме што ќе се случи на изборите на 5 ноемви, но на еден или друг начин, има голем фокус на претседателството во моментов и на американската историја“, рече Етингер.