ПРАТИВ ДРОН НА МАРС, АМА ТЕШКО МОЖАМ ДА СИ ДОЈДАМ ВО ГАЗА, ВЕЛИ ПАЛЕСТИНСКИ ИНЖЕНЕР ДЕЛ ОД ТИМОТ НА НАСА

    ПРАТИВ ДРОН НА МАРС, АМА ТЕШКО МОЖАМ ДА СИ ДОЈДАМ ВО ГАЗА, ВЕЛИ ПАЛЕСТИНСКИ ИНЖЕНЕР ДЕЛ ОД ТИМОТ НА НАСАЕлбасјони вели дека враќањето во Газа, каде со постери се слави неговиот успех, е многу тешко, поради рестрикциите во Израел и Египет. (Фото: „Мидлист монитор“)

    Инженерот Лоај Елбасјони беше дел од тимот на НАСА, кои влегоа во историјата со праќањето на хеликоптер на површината на Марс. Но, вели дека враќањето во неговиот роден град Газа, каде со постери се слави неговиот успех, е многу тешко, поради рестрикциите во Израел и Египет.

    „Кога си имате работа со електроника и технологија, може да ги пресметате нештата и им ја знаете насоката. Но, кога си имате работа со луѓе и политика, не знаете во кој правец ќе отидат работите“, вели тој во интервју за АП.

    Четириесет и двегодишникот ја напуштил Газа во 1998 за да студира во САД, и досега само еднаш се вратил во градот, во 2000 година за второто востание во Палестина. Околу 6.000 Палестинци и 1.000 Израелци беа убиени во нападите и борбите и израелските воени операции, пред насилството да сопре во 2005.

    Израел се повлече од Газа во 2005 , но две години подоцна Хамас ја презеде контролата. Оттогаш, Израел и Египет одржуваат блокада што строго го ограничува движењето на луѓе и стоки во и надвор од тесната крајбрежна лента, во која живеат повеќе од два милиона Палестинци.

    Шест години заедно со научниците на НАСА го развивале системот на хеликоптерот. (Фото: Дипдајв)

    Елбасјони ги продолжил студиите во САД, но морал да работи и по 90 часа неделно во сендвичарница, за да му помогне на семејството, чија фарма била уништена во нападите.

    Од Универзитетот во Кентаки се префрлил на Универзитетот во Пенсилванија, каде дипломирал и магистрирал на електрично инженерство. Во 2012 бил најмен од технолошка компанија која развивала електрично воздухопловно летало, а две години подоцна се приклучил на тимот на НАСА за проектот со хеликоптерот на Марс. Шест години заедно со научниците на НАСА го развивале системот на хеликоптерот.

    „Врескав од среќа среде ноќ и ја разбудив цела зграда“, вели тој за моментот кога леталото во февруари слета на површината на Марс.

    Но, вели, тешко дека наскоро ќе си дојде дома поради рестрикциите. Ако сака да дојде во Газа, мора да патува преку Јордан или Египет, бидејќи Израел не им дозволува на Палестинците од окупираниот Западен Брег и од Газа да пристигнуваат или полетуваат од нивните аеродроми. Потоа, од Јордан до Газа би требало да патува со автобус, кој го има на неколку дена. За секој правец ќе му треба дозвола од Израел, што е комплициран и неизвесен процес. Проблематично ќе биде да патува и преку Египет, преку преминот Рафа, кој пак со месеци може да не се отвори.

    Инженерот вели дека годишно може да земе две до три недели одмор, а ако замине за Газа, може таму да заглави и да ја изгуби работата.

    И покрај политичката ситуација, Елбасјони вели дека неговиот пример ќе служи како инспирација, за младите Палестинци.
    „Да се биде дел од овој проект кој му служи на човештвото е извор на огромна гордост“, вели тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира