„Прилепска пиварница“ на гламурозен начин го прослави својот 95. роденден и одбележа 40 години „пепси“ во Македонија, во присуство на високи претставници на компанијата „ПепсиКо“.
„Прилепска пиварница“ прослави заедно со свои пријатели, соработници и бизнис партнери, а Атила Кешег, франшизниот директор на „ПепсиКо“ одговорен за 19 пазари во Европа, не штедеше пофални зборови, потенцирајќи дека неговата компанија со ретко кого има така долготраен договор за соработка. Тој ѝ додели Сребрена награда за квалитет за 2018 во рамките на групацијата „ПепсиКо“, што е уште едно во низата признанија кои „Прилепска пиварница“ ги освојува последниве десетина години.
„За ова не е заслужен ниту еден поединец, ниту јас, ниту мојата сестра, ниту кој било друг. Заслужен е колективот. Прекрасните дами и господа кои секојдневно даваат максимум од себе, кои со својот раст прават да расте и компанијата и кои се дел од фамилијата на ‘Прилепска пиварница‘”, изјави генералниот директор Сашко Самарџиоски.
Во овие 40 години соработка, „Прилепска пиварница“ и „ПепсиКо“ имаат инвестирано преку 50 милиони долари во Македонија во маркетинг, основни средства и во производство.
Во тек е и голема наградна игра, со која „Прилепска пиварница“ месечно наградува еден фан на „пепси“ со 40.000 денари, а на 1 јули е главното извлекување, во кое можат да се освојат 400.000 денари.