Принцот Хари тврди дека неговиот брат принцот Вилијам физички го нападнал, објави весникот „Гардијан“, кој добил увид во неговите нови мемоари „Spare“. Весникот вели дека во книгата е опишана расправија помеѓу браќата поради сопругата на Хари, Меган Маркл.
„Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме собори на под“, пренесе „Гардијан“ наводи од книгата.
Мемоарите на Хари ќе бидат објавени во вторник, но „Гардијан“ вели дека успеал да дојде до еден примерок. Бакингамската палата досега не се огласила за овие тврдења.
Во книгата се објаснува дека расправијата била предизвикана од коментарите што Вилијам му ги упатил на Хари во неговиот лондонски дом во 2019 година. Хари пишува дека Вилијам го критикувал неговиот брак со Меган, опишувајќи ја како тешка, груба и бесчувствителна, по што нивната расправија ескалирала.
„Ја спушти чашата со вода, ме нарече со друго име, а потоа дојде до мене. Сè се случи многу брзо. Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме собори на под. Паднав на садот за кучето, кој се скрши под мојот грб. Лежев зашеметен, а потоа станав и му реков да излезе“, стои во книгата.
Според она што го пренесе „Гардијан“, Вилијам барал од Хари да му возврати, но тој одбил. Вилијам подоцна изразил жалење и се извинил за своето однесување.
Издавачот „Пингвин рендом хаус“ досега не потврдил дали овие наводи се точни, но Хари во последно време збореше за својот проблематичен однос со Вилијам.