РАП КАКО ИНСПИРАЦИЈА ЗА ТЕТОВАЖИ -БИТОЛЧАНЕЦОТ ВАСКО ВОЈНЕСКИ СО ДАУНОВ СИНДРОМ, ТАЛЕНТИРАН ТАТУ МАЈСТОР

    РАП КАКО ИНСПИРАЦИЈА ЗА ТЕТОВАЖИ -БИТОЛЧАНЕЦОТ ВАСКО ВОЈНЕСКИ СО ДАУНОВ СИНДРОМ, ТАЛЕНТИРАН ТАТУ МАЈСТОРВаско Војнески со Јуле Трајчевска, една од основачите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола. Центарот постои четири години, а за толку кратко време постигна многу помагајќи им на децата, па и повозрасните членови да ги развиваат своите таленти (Фото: СДК.МК)

    Хромозомот плус му дал талент плус на 34-годишниот битолчанец Васко Војнески. Тој е момче со Даунов синдром и со талент на вистински тату мајстор. Досега немал можност да работи со вистинска опрема за тетовирање, но тоа не го спречило секојдневно да црта по неколку тетоважи на хартија. Многумина битолчани, познавајќи ја неговата умешност му дозволиле со мастило и маркери да им исцрта тетоважи на рацете. Инспирацијата за тетоважите ја наоѓа во музиката.

    Васко е амбициозен толку многу што знае некогаш дел да фрли како отпадок, па одново да нацрта нови творби. – Васко со мајка му Нада (Фото: СДК.МК)

    „Децата на негова возраст не го отфрлија, туку го прифатија и го земаа во нивно друштво. Живееме на Широк Сокак и тој порасна на главната битолска улица. Другарите слушаа рап музика и тој почна да го слуша тоа. Открив дека со секоја песна што ќе ја слушне на својот таблет, бидејќи знае самостојно да користи интернет, произлегува по некој цртеж. Песната кај него предизвикува емоции и тој неа ја преточува во цртеж. Емоциите не се изразени само преку формите, туку и преку боите. Светло сино кога е мирен и расположен, црвено кога има копнеж, мотивација, црна кога е мелодијата тажна“, вели мајка му Нада Војнеска.

    Додека бил мал тешко можело да се претпостави дека ќе стане толку умешен со моливот и боите. На училиште почнал на десет години поради проблеми со говорот. Но, благодарение на наставниците, педагошните служби, но и на посветеноста на родителите, ги научил буквите и бројките. Во тетоважите знае да вметне збор или бројки. Задолжително крај нив се потпишува.

    „Има завршено осмо одделение, кога учеше немаше средно за овие деца. Потоа посетуваше Дневен центар и таму си се пронајде самиот, почна да си црта. Му пречи метежот и гласните звуци, па знаеше да се повлече во некој агол и да црта. На некои тоа не им значеше, но за него имаше значење“, вели мајка му.

    Васко ги изразува емоциите не само преку формите, туку и преку боите (Фото: СДК.МК)

    Цртежите ги собираат во папки и досега ги имаат стотици. Васко е амбициозен толку многу што знае некогаш дел да фрли како отпадок, па одново да нацрта нови творби.

    „Кога имаме гости, тоа се убави случки, посебно кога се наши роднини дојдени од странство, ќе им нацрта на сите по една тетоважа, ќе им ги напише имињата и среќен е кога подарува“, велат од неговото семејство кое додава дека Васко ги прави храбри, исполнети и среќни.

    Овој несуден тату мајстор е член на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола. Центарот постои четири години, а за толку кратко време постигна многу помагајќи им на децата, па и повозрасните членови да ги развиваат своите таленти. Тука тие пејат, цртаат, вежбаат, прават изработки.

    „За жал, овие деца сѐ уште се маргинализирана група во општеството. Се бориме да најдеме решенија за нивните проблеми, можности за нивните таленти. Целта ни е до Нова година да станеме дневен центар. Покрај социјализацијата да можеме да го насочиме во извесна професија, едукација. Идејата е да може во рамки на дневниот центар да направиме едукација за да можат да си работат и егзистираат. Тука да се формираат одредени мини производства, на органска храна каде ќе можат да си го материјализираат трудот“, велат од „Порака“ Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира