РИБАТА СОНЧАРКА Е АГРЕСИВНА КОН АВТОХТОНИТЕ ВИДОВИ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ВЕЛАТ НУРКАЧИТЕ

    РИБАТА СОНЧАРКА Е АГРЕСИВНА КОН АВТОХТОНИТЕ ВИДОВИ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ВЕЛАТ НУРКАЧИТЕРибата сончарка за првпат во Охридското Езето е регистрирана пред 2000-та година, а сега ја има во многу поголеми количини и на повеќе локации, од Св. Наум па до Калишта. (Фото: Амфора)

    Од неодамна во Охридското Езеро живее сончарка, неавтохтона риба која природно не припаѓа во овој ендемичен систем. Нуркачи од „Амфора“ подолго го следеле животот на сончарката и дошле до интересни сознанија, особено за време на нејзиното мрестење.

    „Сончарките главно се хранат со инсекти и ларви, а широко распространетите перки во текот на нејзиното движење претставуваат одбранбена функција. Забележавме дека најгресивното и најчесто однесување е фронтална закана, карактеризирана со брзо нафрлување, удирање и бркање на рибите кои се во непосредна близина, а во крајни случаи проследено со благо каснување, со цел да ги заштитат границите на својата територија. Ако сончарката се чувствува инфериорна во обидот да ја одбрани територијата, најчесто бојата ѝ потемнува од страните“, велат нуркачите што го следеа животот на оваа риба.

    Забележавме дека најгресивното и најчесто однесување е фронтална закана, карактеризирана со брзо нафрлување, удирање и бркање на рибите кои се во непосредна близина, а во крајни случаи проследено со благо каснување, со цел да ги заштитат границите на својата територија, велат нуркачите. (Фото: Амфора)

    Сезоната на мрестење е обележана со присуство на мажјаци на плитки, кружни гнезда кои ги бранат од другите сончарки, од причина што најчесто ги градат овие гнезда во групи, а и мрестилиштата им се во непосредна близина. По завршување, групата сончарки ја напушта локацијата на мрестот. Најчесто ги има во плитки води на длабочина од 3-5 метри, но забележани се и јата на длабочина од 10-15 метри во присуство на други риби.

    „Оваа риба сега ја има во многу поголеми количини и на повеќе локации во Езерото, од Св. Наум па до Калишта. За првпат во Охридското Езето е регистрирана пред 2000-та година. Поради живописните бои се одгледува во аквариуми. Внесена во рибници, може да направи големи штети на икрата и подмладокот. Има бело и вкусно месо, без ситни коски. Бидејќи нема природни непријатели, причинува огромни штети кај автохтоните видови риби со стопанско или рекреативно значење. Максималната должина што можат да ја достигнат овие риби изнесува 30 см. Просечната големина обично изнесува од 10 до 15 см. Многу е агресивна и граблива риба. Се храни со разни безрбетници и мекотели, со икра од риби и мали рипчиња“, вели Димче Мајкоски, познат охридски риболовец.

    Сончарката природно живее во Северна Америка, од Канада до Мексико. При крајот на 19. век, пренесена е во Европа како украсна рипка. Случајно или намерно, раселена е во топловодните рибници и отворените води. Ја има и во нашата држава, во реката Вардар и некои притоки, во повеќе поголеми акумулации, во Преспанскот Езеро, регистрирана е и во Охридското Езеро. Не е регистрирана во Дојранското Езеро како и акумулациите кои припаѓаат на сливот на Црн Дрим.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира