„Ролинг стоунс“ ја откажа турнејата во САД и Канада поради здравствените проблеми на својот фронтмен Мик Џегер. Седумдесет и петгодишниот пејач изјави дека е „уништен“ поради тоа што ги изневерил фановите, но не даде други детали за својата состојба.
Лекарите му кажале на Џегер дека не може да оди на турнеја во овој момент, но и дека се очекува целосно да заздрави.
„За жал, ‘Ролинг стоунс‘ мора да ја одложи својата турнеја низ САД и Канада и им се извинува на сите оние кои ги имаат купено картите. Мик беше советуван од лекарите да не оди на турнеја, бидејќи му е потребен третман“, соопшти групата.
Турнејата требаше да почне на 20 април во Мајами и да заврши во Канада на 29 јуни.
„Им се извинувам на сите фанови од САД и Канада. Мразам што вака ве изневерив. Ќе се потрудиме што поскоро да се вратиме на сцена“, напиша Џегер на Твитер.