Русија ќе отвори фришопови во кои дипломати ќе можат да купуваат западни производи со странски валути, што ги потсети Русите на озлогласените продавници од советско време берјозка, кои беа само за привилегираните.
Продавниците, што треба да се отворат наесен, ќе продаваат увозни производи кои инаку тешко можат да се најдат во обичните руски дуќани откако голем број странски брендови ја напуштија земјата по инвазијата на Украина.
Но, за да можат да купуваат во нив, посетителите ќе треба да покажат документ кој докажува дека се странски дипломати или вработени во меѓународни организации. Во продавниците ќе се плаќа само со долари и евра.
„Тоа е тотален Советски Сојуз“, напиша уредникот на руското списание „Медијазона“, Сергеј Смирнов.
Фришоповите ќе бидат во сопственост на компанија создадена од руското министерство за надворешни работи и уште еден субјект. Во нив, меѓу другото, ќе се продаваат алкохол, тутунски производи, накит, козметика, парфеми, смартфони и рачни часовници, објави „Медијазона“.