САКАМЕ ПРОДАВАЧИТЕ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ РАМНОПРАВНИ СО ОНИЕ ШТО ГО КУПУВААТ, ВЕЛАТ ОД СПИСАНИЕТО КОE ДОБИ НАГРАДА ВО АНГЛИЈА

    САКАМЕ ПРОДАВАЧИТЕ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ РАМНОПРАВНИ СО ОНИЕ ШТО ГО КУПУВААТ, ВЕЛАТ ОД СПИСАНИЕТО КОE ДОБИ НАГРАДА ВО АНГЛИЈАПродавачите на списанието „Лице в лице“ се горди на наградата за најдобра кампања на годинешните награди што ги доделува Меѓународната мрежа за уличен печат во Ливерпул. (Фото: „Лице в лице“)

    Списанието „Лице в лице“ кое се издава во Скопје доби награда за најдобра кампања на годинешните награди што ги доделува Меѓународната мрежа за уличен печат (ИНСП) во Ливерпул. Дел од натпреварот беа над 90 списанија од 35 земји од целиот свет. „Лице в лице“ беше меѓу петте финалисти и во категоријата Најдобра насловна страница, со насловница посветена на економското зајакнување на жените, дизајнирана од Ружица Мандичевска-Руки.

    Списанијата се натпреваруваа во шест категории: најдобра насловница, најдобар напис, најдобра кампања, најдобра поддршка за продавачот, најдобар придонес од продавач, најдобра фотографија,

    „’Лице в лице’ е член на Меѓународната мрежа на уличен печат  која е со седиште во Глазгов. Со секој Самит кој е настан што ги обединува уличните списанија и весници од целиот свет, над 100 на број, се прави и избор на најдобрите, во повеќе категодии. Секоја членка на ИНСП може да пријави своја кампања, активност, фотографија, вест. Во случајот од компетицијата од оваа година, гласаше жири составено од претставници на различни улични списанија и весници. Оваа награда ни е уште подрага и бидејќи нашите колеги од светот го препознаа влогот на ‘Лице в лице’“, велат од списанието.

    „Лице в лице“ се печати веќе 12 години, обработува и пренесува важни социјални и општествени теми и им овозможува работа на маргинализирани групи преку продажба на списанието. Освен списанието, „Лице в лице“ низ годините прерасна во платформа која се залага за инклузија.

    „Лице в лице“ ја доби државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права во декември во 2023 заедно со Борче Стаменов од здруженито „Донирај компјутер“. (Фото: „Лице в лице“)

    „Човековите права се во средиштето на мисијата на ‘Лице в лице’. Принципите на еднаквост, праведност, достоинство се во с`ржта на сето она што го работиме. Пред 12 години, наши продавачи, кои доаѓаат од најранливите општествени групи, за првпат стапнаа во Дебар Маало. Продавајќи го списанието тогаш, а и денес, тие се чувстуваат рамноправни со оние на кои им го нудат. Тие знаат дека в раце имаат производ со додадена вредност, кој освен што им носи приход, значи и зајакната самодоверба, чувство дека вредат, дека се дел од системот и дека придонесуват, наместо да се на негов товар.  Нашиот тим подолг период работеше на различни содржини кои ги објавуваме поради потребата да се заштитат човековите права на лицата без државјанство во Македонија. Увидовме дека, токму поради недостаток на документација, овие луѓе беа лишени од основни права, како што е пристапот до образование и вработување. Кампањата ја започнавме откако имавме конкретен пример за лице кое требаше да биде вработено, кое покажа одлични резултати преку услугата Социјално менторство, која е иновација на ‘Паблик’. ‘Лице в лице’ тогаш го стави во фокусот Валентин Ракип, кој стана гласноговорник за предизвиците со личната документација. Работевме волонтерски, преку содржини објавувани во нашето печатно издание, на веб, преку социјалните мрежи, но, и преку гостувања во медиумите каде зборувавме многу на оваа тема. Добивме значајна медиумска поддршка и соработка со здруженија кои веќе долги години обезбедуваа бесплатна правна помош. По долгите правни битки, проблемот остана нерешен сѐ до мај во 2023, кога смртта на нашиот продавач Мемет Камбер, кој исто така беше лице без документи, предизвика јавно негодување и засилени напори за застапување“, велат од „Лице в лице“.

    Во јуни минатата година беше усвоена измена на Законот за матична евиденција, овозможувајќи им на лицата родени во земјата конечно да добијат лични документи. Една година подоцна, повеќето продавачи ги добија своите документи, по што во декември во 2023 „Лице в лице“  ја доби државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права.

    Од „Лице в лице“ велат дека не биле на Самитот во Ливерпул, поради тоа што биле во онаа група граѓани која морала да ги менува пасошите.

    „Оваа награда претставува признание на посветеноста на ‘Лице в лице’ на социјалната правда и постојаните напори за поддршка на оние на кои им е најпотребна“, велат од „Лице в лице“.

    За нивниот продавач Кристијан Кико Марковски велат дека најмногу се израдувал, и прв дознал за наградата.

    „Продавачите се горди што и тие даваа придонес за содржината, па така, и нивниот влог во кампањата беше важен. За нив, ова меѓународно признание е потврда дека нивните заложби да се интегрираат во општеството не останале незабележани и дека нивните приказни имаат моќ да инспирираат промени“, велат од „Лице в лице“ додека се подготвува 55. број на списанието.

    Новиот број е посветен на менталното здравје, а во изминатиов период е редизајнирана и веб страницата.

    „Нашиот фокус продолжува да биде на поддршка на маргинализираните групи преку кампањи и активности за вработување, социјална инклузија, претприемништво, одржлив развој. Во подготовка се и новогодишните честитки, како и нови содржини и веруваме, многу соработки кои го унапредуваат нашето општество“, ни рекоа од „Лице в лице“.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира