Околу една третина од Германците не се сигурни дали ќе одат на одмор летово поради ковид рестрикциите, според резултатите на истражувањето на консултантската куќа „ПрајсвотерхаусКуперс“.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека 31 отсто сè уште се двоумат дали патувањето е опција годинава, додека 28 отсто целосно ја отфрлиле таа опција. Ова може да има големо влијание на туристичката индустрија која често се потпира на Германците, нација која го одржува туристичкиот сектор во многу земји.
Само 15 отсто од испитаниците кажале дека веќе имаат резервирано одмор, а 27 отсто рекле дека сè уште немаат резервирано, но планираат патување.
Но, од тие што планираат да резервираат, повеќе од две третини велат дека се подготвени да ги откажат патувањата ако се влоши епидемиолошката состојба кај нивната дестинација или ако изгледа дека ќе треба да бидат во карантин по враќањето во Германија.
Мнозинството од испитаниците кажа дека планираат да останат во Германија годинава, а на второ место се тие кои рекле дека ќе останат во Европа. Мнозинството, исто така, кажа дека планираат сами да патуваат, место во тури, што може да предизвика дополнителни проблеми за туроператорите.
Истражувањето покажа дека и тие што би патувале, повеќето би сакале да престојуваат во изнајмени станови, место во хотели. Слично, повеќе од тие што планираат да патуваат, планираат тоа д го направат со автомобил, место со авион или воз.