По 43 години работен стаж, од кои 26 минати во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола, се пензионираше еден од највредните македонски библиотекари Илче Стојановски. По долгите години минати низ рафтовите и шалтерите со книги услужувајќи бројни читатели, се пензионираше точно на својот 64. роденден. Започнал како реонски библиотекар, па на шега вели дека едно време бил како клучар зашто клучевите од сите реонски библиотеки биле кај него. Потоа работел во Одделот за деца и возрасни, за информации, станал програмски директор и во тоа време се направиле читалните на горниот кат и Библиотечниот музеј, па организатор на културни настани, а се пензионира како виш библиотекар.
Она по што битолчани го паметат е неговата услужливост. Велат дека не вратил читател без да ГО услужи со книга. Работејќи посветено, стана пример за тоа како се работи во државна установа.
„Ќе дојдеа по книга и ќе им пребарував. За пребарување сум експерт, ќе им најдев што било, книги, критика. Ќе речеа: ‘Нема литература’, но јас ќе им најдев од различни книги да направат критички осврт ако треба. Ученици ќе земеа книги од Поленаковиќ да читаат, но тоа беше сложено, на висок стил за нив, јас ќе им помогнев со објаснување, што да скратат, кои делови да ги прочитаат. Уште ме бараат и хроничарите Пеце Ставрев, Александар Стерјовски, Димче Миновски, велат ‘Ти да ми најдеш’. Неодамна дојде вработена во Кино Манаки, бараше податоци за Офицерскиот дом. Ја препраќаа во Музејот, Архивот. Јас ѝ најдов монографија од Битола, па други книги и замина многу благодарна“, вели Стојановски.
Универзитетската библиотека е велелепен објект со многу простории и читални, но за него нема поомилено место од магацинот на подземниот кат. Таму ужива меѓу недогледните рафтови со книги. Најголемиот дел од библиотечниот фонд, кој брои 600.000 книги, се сместени таму.
„Многу ги сакам книгите. Го обожувам мирисот на книгите. Сакам да бидам во тек што има ново, кој објавил, што е преведено, издадено. Нова книга што ќе дојде. Читам многу. Многу е важно личност вработена во библиотека да чита. Во малото прсте го носам целиот распоред на книгите. Сѐ знам каде е. Некои од колегите ми велеа: ‘Зошто одиш ти во магацинот, ќе оди некој друг’. Но, мерак ми е. Веднаш ја наоѓам книгата. Ги редам, ги вадам, ги подместувам. И без сигнатура потребни ми се неколку минути за да го најдам изданието“, додава тој.
Организирал огромен број културни настани, работел на популаризација на книгата, бил во редакцијата на списанието „Библиотечен тренд“, пишувал говори, предговори за книги, учествувал во проекти за меѓународна соработка со библиотеките од Варшава, Прага, Задар, Дубровник.
Кога се работело за книга, не му било мака ни да оди по куќи да го провери фондот што некои битолчани го дарувале во Библиотеката или пеш да однесе покана за настан.
„Никој не сакаше да оди да ги земе книгите што ги остапуваа како дар. Јас одев, имаше големи книгољупци, интелектуалци од различни бранши, авокати, инженери, ќе одев и ќе ги земев книгите. Да се види тоа што немаме, да се внесе во контото и тоа да остане за генерации потоа. Не сакав книги да се фрлаат“, вели Стојановски.
Иако цел живот го мина со книгата в раце, а пишува и поезија и досега издал шест збирки песни, а седмата е во печат, сепак дури и како програмски директор не се срамел да работи и со мајстори кога имало градежни интервенции во Библиотеката.
„Ми велеа ‘Што се понижуваш, количката им ја туркаш’. Јас возвраќав „Прв ќе одам со мајсторот и ќе го сработи нештото. Ако се инаетиш, ќе се инаети и тој’“, вели Стојановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА