СЕДУМГОДИШНИОТ АНДРЕЈ И ОСУМГОДИШНИОТ ЕВГЕНИЈ СЕ СНОУБОРДЕРСКА АТРАКЦИЈА НА ПЕЛИСТЕР

    СЕДУМГОДИШНИОТ АНДРЕЈ И ОСУМГОДИШНИОТ ЕВГЕНИЈ СЕ СНОУБОРДЕРСКА АТРАКЦИЈА НА ПЕЛИСТЕРOсумгодишниот Евгениј Ристевски и неговиот прв братучед седумгодишниот Андреј Мушуланов возат сноубординг на врвот Антена на Пелистер, на надморска височина од 2.601 метар (Фото: СДК.МК)

    На две години застанаа на скии, а денес се најмадите сноубордери на Пелистер.  Oсумгодишниот Евгениј Ристевски и неговиот прв братучед седумгодишниот Андреј Мушуланов возат сноубординг на врвот Антена на Пелистер, на надморска височина од 2.601 метар. Децата се вистинска атракција на Пелистер, кога се тие на снежните терени сите ги поддржуваат и бодрат.

    „Ако нема снег на патеките на Пелистер, бордаат на врвот Антена. Хотелот ‘Шумски фенери’ има ратрак со кој превезуваме екстремни скијачи и бордери на Антена. Тој е воедно и најопасниот терен кој го имаат возено. Бордаат со нивните татковци кои исто се многу добри бордери, но заедно и со членовите на клубот ССНЛ (Ski &Snowboard No Limits) каде членуваат и тие“, вели мајката на Евгениј и тетка на Андреј, Љубица Мушуланова Ристевска.

    Евгениј со татко му Јове Ристевски (Фото: СДК.МК)

    Децата со сноубординг започнаа на три-четири години. Првите две штици ги порачале од Австралија зашто ни тука, ни во Грција не можеле да најдат таква опрема со соодветна димензија. За Андреј, кој на штицата застанал на три години, и таа најмалата била голема.

    „Има многу интересни случки кога одиш со деца на бордање. Прво беа смешни зошто не можеа да седнат во корпата на жичницата бидејќи беа мали и мораше некој да ги подигне и да ги смести во корпата. А најсмешно беше на ски-лифтот на горната патека на Копанки. Бидејќи немаа тежина ски-лифтот да ги влече, тој ги топкаше како топче. Затоа задолжително некој кој се возеше на ски лифтот ги носеше на рамена. Оваа година Андреј успеа да ја достигне потребната тежина лифтот да го влече, а не да го топка“, вели Љубица.

    Сноубординг возат најчесто на Копанки или Ниже Поле на Пелистер ако има снег. Лани таму имаше снег и бордаа по цел ден и плус преку викенд навечер зашто се организираше ноќно скијање. Кога кај нас нема снег, родителите ги носат на ски терени во  Грција и  Бугарија. Лани Бугарите со воодушевување ги прифатиле и цело време ги поздравувале додека возеле сноубородинг на Осоговските Планини од страната на Бугарија. Таму се наоѓа најголемиот сноубоард парк на Балканот.

    Андреј со татко му Коче Мушуланов (Фото: СДК.МК)

    „Љубовта кон овој спорт е огромна. Само за тоа се зборува, снегот и зимата се нешто што се чека од септември. Се борда од девет часот сабајле до три часот попладне. Ако нема снег на Копанки се борда на Антена. Ратракот не смее да замине без нив. Тука морам да ја споменам и Анамари, сестрата на Андреј која е исто многу добар бордер и има десет  години. И таа борда од својата петта година“, вели Љубица.

    Посериозни натпревари во Македонија за нивна возраст не се организираат. Досега единствено се натпреварувале на Пелистерскиот велеслалом во 2015. Евгениј тогаш имал шест години и победил, а Андреј бил најмалиот учесник и добил специјален медал.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира