СЕКОЈ ДЕН ЈА ГЛЕДАМ ЕПИЗОДАТА СО МОЈАТА МУЗИКА, ВЕЛИ МАТЕЈ ЏАЈКОВСКИ КОЈ РАБОТЕШЕ НА ХИТ СЕРИЈАТА „ИЗМИСЛУВАЊЕ НА АНА“

    СЕКОЈ ДЕН ЈА ГЛЕДАМ ЕПИЗОДАТА СО МОЈАТА МУЗИКА, ВЕЛИ МАТЕЈ ЏАЈКОВСКИ КОЈ РАБОТЕШЕ НА ХИТ СЕРИЈАТА „ИЗМИСЛУВАЊЕ НА АНА“Џајковски, кој како продуцент повеќе од четири години работи во Лос Анџелес, е син на композиторот Кирил Џајковски. (Фото: Приватна архива)

    Еден месец откако стриминг гигантот „Нетфликс“ ја објави серијата „Измислување на Ана“ (Inventing Anna), Матеј Џајковски, продуцент на дел од музиката, вели дека секој ден ја прегледува третата епизода, во 45. минута, за да го слушне звукот што го направил.

    Уште се радувам“, рече тој за САКАМДАКАЖАМ.МК кога се слушнавме по телефон за да ни раскаже повеќе за него и неговата работа.

    Џајковски е продуцент кој повеќе од четири години работи во Лос Анџелес, а во Македонија стана познат дури откако на Инстаграм напиша дека работел на музиката на серијата, што за кусо време стана број еден во САД, Франција, Германија и пошироко.

    Не знаев точно во која серија ќе ја користат мојата музика. Ми рекоа само дека ќе биде околу две минути во една епизода. Кога излезе трејлерот, ѝ го пратив на мајка ми. Таа веднаш ми рече дека ќе биде хит“, вели Матеј.

    Серијата за измамничката Ана Делви бргу стана една од најгледаните на „Нетфликс“ (Фото: Нетфликс)

    Серијата на „Нетфликс“ е за осудената измамничка Ана Сорокин, која 5 години во Њујорк се преправала дека е богата германска наследничка под името Ана Делви, а во 2017 е уапсена откако измамила големи финансиски институции, банки, хотели и познаници во САД за вкупно 275.000 долари и е осудена на затвор од 4 до 12 години.

    Џајковски вели дека за содржината на серијата ништо не знаел однапред. Пребарал на Гугл да види која е Ана Делви. Мислел дека едвај ќе најде нешто. Напротив, се смее Матеј, се појавиле повеќе информации за неа отколку за претседателот на САД. И така дознал дека Ана Делви е, всушност, Ана Сорокин, девојка чија енергија, како што вели, одлично одговарала за неговата музика.

    Таа е енергична, со истенчен вкус за мода и е доста отворена за она што не ѝ се допаѓа. Би сакал да ѝ ја пратам целата моја музика за да ми го каже нејзиното мислење. Можеби ќе ме направи популарен на Инстаграм“, се смее Матеј и додаде дека после серијата добил повеќе фанови на социјалните мрежи.

    Научив нешто од Ана. Социјалните медиуми се навистина важни во овој бизнис. Јас сум фокусиран само на работата, но ако сакам луѓето да ја слушнат мојата музика, мора да поработам и на маркетингот“.

    Матеј сега има своја продуцентска куќа, заедно со Данте Џонс, со кого завршил музичка академија во Оклахома. Данте е член на музичкото дуо „THEY“, на чиј албум Матеј работи во моментов.

    Данте има многу контакти во музичката индустрија во Холивуд. Всушност, тој ми помогна многу да се пробијам. Во последните години имав шанса да работам со едни од најдобрите артисти, продуценти и автори, меѓу кои Крис Браун, Брајан Кенеди, кој има работено со Ријана и Кели Кларксон, Мет Сорум и Дивејн Витмор, кој, пак, има работено со Ашер, Мартин Гарикс и многу други “, откри Матеј.

    Работел и музика за видеоигри и кампањи за светски компании, како „Мериот“, „Адоби Фотошоп“ и „Амазон“. Неговата музика била дел и од филмот „Ла-Ла ленд“. По „Измислување на Ана“ се надева дека ќе добие повеќе понуди за работа.

    Би сакал да ми се јават Џеј Зи, Кање Вест, Ријана. Ќе работам на тоа да ги привлечам. Ќе ги чекам“, рече Матеј на шега, но и како желба од која не се откажува.

    Од моето студио имам поглед на Волт Дизни. Кога ќе погледнам натаму, се чувствувам како дете кое не престанува да сонува. Се надевам дека еден ден во целост ќе го живеам мојот сон. Работам за да станам Мајкл Џордан во музиката“.

    Иако има сопствена приказна која сака да ја гради и раскажува, се согласи дека таа не би била целосна ако не се спомене неговиот татко, композиторот Кирил Џајковски. Матеј вели дека двајцата се движат во различни правци во музиката, но одвреме-навреме си разменуваат идеи и мислења.

    Бидејќи работам на голем пазар како американскиот, дојде време да можам и јас да споделам со татко ми што е тренд, да му укажам на што би можел да посвети внимание. Тоа не е на дневна основа, но кога ќе се слушнеме, дефинитивно зборуваме за музика”, рече Матеј.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира