Американската филмска академија, која ја доделува наградата Оскар, донесе одлука да го исклучи од своите редови продуцентот Харви Вајнстин, кој последниве денови се соочи со низа обвинувања за силување и за сексуално вознемирување.
Претходно, и Британската филмска академија го исфрли од своето членство.
„Академијата сака да се огради од некого што не ги почитува своите колеги. На овој начин сакаме да испратиме порака дека ерата на сексуални предатори и на малтретирање на работното место е минато за нашата индустрија. Ова е навистина голем проблем, за кој нема место во општеството“, се вели во соопштението на Академијата, во чиј борд од 54 члена речиси половина се жени.
Филмовите што ги продуцираше Вајнстин добија над 300 номинации за Оскар и освоија 81 статуетка.
Меѓу актерките кои јавно проговорија за своите лоши искуства со Вајнстин се Анџелина Џоли, Кејт Бекинсејл, Азија Арџенто, Гвинет Полтроу, Мајра Сорвино и Кара Делевињ.