Еден од најнесекојдневните настани што некогаш се одиграл во Битола, шахот со живи фигури пред 95 години, браќата Манаки ги снимиле со нивната прочуена Камера 300, но видео материјалот не е зачуван. Ова се споменува во документарниот филм „Манаки – приказна во слики“, на Роберт Јанкулоски, кој беше прикажан на затворање на 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ годинава во Битола. Од настанот зачувани се само фотографии направени од Манакиевци.
„На оваа фотографија се гледа и филмската камера 300 што укажува дека тие овој настан и филмски го забележале. Но, за жал не е зачуван филмски материјал од овој настан. Во кадарот е присутна уште една фотографска камера можеби од некој друг фотограф или двајца снимале, но постои можност тоа да е камера на Манакиевци затоа што во Архивот во Битола постојат плочи со две различни демензии. На истата фотографија го гледаме и Јанаки кој со големо внимание ги следи главните протагонисти кои ја одиграле таа партија шах, професорот по физичко во битолската гимназија Чехот Адолф Бартипан и српскиот офицер Чопи“, се вели во филмот.
На оригиналната фотографија снимена во 1924, се гледа дека натпреварот се одржал на терен обележан како шаховска табла во дворот на разрушената Црвена касарна во Битола. На просторот имало луѓе облечени во костими како шаховски фигури – крал, кралица, топови, коњи, пиони. Околу многубројна публика.
Се претпоставува дека на ваков настан луѓето се одлучиле за да заборават на лудилото и стравотиите што ги поминале со Балканските и Првата светска војна, но и со големата експлозија две години пред овој настан, на 18 април 1922. Експлозијата била предизвикана од 400 вагони полни со муниција и експлозиви останати од Првата светска војна што се чувале во близина на Железничката станица.
„Фотографијата раскажува за желбата и потребата на населението да се обиде да го заборави лудилото, да ги заборави стравотиите низ кои минале правејќи нешто што е далеку од разумно и рационално. Овој настан побудил голем интерес кај граѓаните на Битола. Нема податоци кој победил“, се вели во филмот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА