ШАРПЛАНИНЕЦОТ ЌЕ СТАНЕ САЛОНСКО КУЧЕ ОТИ Е ИЗБРКАН ОД ПЛАНИНИТЕ

    ШАРПЛАНИНЕЦОТ ЌЕ СТАНЕ САЛОНСКО КУЧЕ ОТИ Е ИЗБРКАН ОД ПЛАНИНИТЕШарпланинецот битката со волците и другите диви животни ја замени со урбаната средина и сега се бори за зачувување на својата автохтоност (Фото: СДК.МК)

    Тој е горд, голем, господар на планините, чувар на стадото и негов најголем заштитник, тој е симбол на македонските планини Шара, Кораб, Стогово, Бистра, неговиот лик се најде и на позадината на монетата од еден денар, тој е песот шарпланинец. Неговата раса е многу стара, познавачите на кучињата велат дека потекнувал од Тибет, од Хималаите, а на овие простори стасал со војската на Александар Македонски.

    Името го добил по Шар Планина каде најмногу се одомаќил, каде најмногу се одгледувал и каде во суровите планински предели се дооформиле неговите карактеристики и карактер. Во 1939 тој за прв пат, на меѓународно ниво, под името илирски овчар бил признаен како посебна раса од Меѓународната кинолошка федерација која ги регистрира сите раси на кучиња. Во 1957 на барање на Југословенскиот кинолошки сојуз, Меѓународната кинолошка федерација го променила името во југословенски овчарски пес шарпланинец, според планината од каде потекнува.

    И денес шарпланинецот уште е пес со двојна матичност на Македонија и Србија. И двете земји сакаат шарпланинецот да биде признаен за нивна автохтона раса, но тоа не значи дека ние сме непријатели меѓу себе околу ова прашање кое уште е отворено (Фото: СДК.МК)

    „И денес шарпланинецот уште е пес со двојна матичност на Македонија и Србија. И двете земји сакаат шарпланинецот да биде признаен за нивна автохтона раса, но тоа не значи дека ние сме непријатели меѓу себе околу ова прашање кое уште е отворено. Напротив, со Кинолошкиот сојуз на Србија имаме извонредна соработка, учествуваме на нивни исложби како судии, а и тие доаѓаат на нашите изложби. Чиј е шарпланинецот, наш или српски или пак можеби заеднички, како што впрочем и сега се води, тоа сигурно ќе се одлучи во иднина. Сепак, сакам да напоменам дека нам како Кинолошки сојуз на Макдеонија, потребна ни е уште поголема поддршка од страна на државата за да добиеме меѓународно признае дека шарпланинецот е наша автохтона раса. Таквото признание, да имаш признаено автохтона раса на куче, е од национален интерес за секоја земја“, вели Влатко Ананчевски, кинолошки судија и член на Извршниот одбор на Кинолошкиот сојуз на Македонија.

    „Едно време и Косоварите беа заинтересирани за шарпланинецот, но според нашите најнови информации тие сега повеќе работат на создавање нова раса кучиња која ја викаат делтари илир односно илирски овчар, пес кој е сличен на шарпланинецот. Но создавањето нова раса е макотрпен процес кој бара многу вложување, селекции и пред сѐ време. Наспроти ова, шарпланинецот е веќе пес со светски познат рејтинг кој е баран насекаде во светот, а на кинолошките изложби секогаш привлекува големо внимание. Тој на меѓународните изложби не ја преставува само својата раса туку и земјата од која потекнува, па затоа ние се бориме за добивање признание за неговата автохтоност“, вели Ванчо Мирковски, поранешен кинолошки судија.
    И Ананчевски и Мирковски се согласни дека ние како држава но и како поединци треба уште повеќе да се залагаме пред сѐ за запазување на чистотата на оваа раса, бидејќи современите трендови сакаат шарпланинецот да го направат салонско куче, што е погубно за оваа раса на која природната средина ѝ се планинските пространства и дивината.

    „Проблемот е што кај нас драстично се намали бројот на овците, а тоа со себе повлече и намалување на бројот на шарпланинците кои живеат во бачилата. Исто така, на бачилата сé помалку се води грижа за зачувување на расната чистотата на шарпланинецот па се дозволува парење со други раси, што многу влијае за нарушување генетската линија на шарпланинците и на неговите карактеристични одлики“, вели Влатко Ананчевски.

    Во минатото, многу Албанци со голема страст чуваа и негуваа шарпланинци, но денес веќе не е така. Наспроти ова, сега тие набавуваат големи кучиња од странство кои се користат за илегални борби.
    „Сум слушнал дека такви борби со кучиња, пред сѐ од расата кангал, се приредуваат и во тетовско и

    гостиварско. Се одржувале на тајни локации, неретко и на ниви и тоа во доцните вечерни часови. Се организирале и кладилници и се вртеле големи пари на вакви борби со кучиња. Секако, ние како Кинолошки сојуз, категорично сме против ова, а ваквите борби и со закон се забранети. Порано и шарпланинецот се користел за борби, но сега не бидејќи овие увезени раси кучиња се многу поголеми и многу поагресивни, па шарпланинецот потешко би излегол на крај со нив“, вели Ванчо Мирковски.

    Проблемот е што кај нас драстично се намали бројот на овците, а тоа со себе повлече и намалување на бројот на шарпланинците кои живеат во бачилата (Фото: СДК.МК)

    Ако шарпланинецот го има сѐ помалки во планините, за среќа тој е сѐ поприсутен во одгледувачниците на кучиња. Такви одгледувачници има повеќе во Македонија, а една од нив се наоѓа во тетовското село Јанчиште, чиј сопственик е Петко Петковски.

    „Со шарпланинците сум уште од дете, кога татко ми чуваше овци и друг добиток. Овците и стоката со време ги продадовме, но шарпланинците останаа и ги одгледувам веќе неколку децении“, вели Петковски додека тригодишниот шарпланинец Медо мирно седи до нас и внимателно слуша, како да знае дека зборуваме за него.

    „На моменти сум имал и по 18 шарпланинци во мојата одгледувачница, а сега имам 6 големи и 4 мали. Еве, пред некој ден продадов два големи примероци и уште ми е тешко поради тоа, како да сум изгубил член од семејството. Но што да се прави, не може сите да ги чувам, ама од друга страна ми е мило што ете некој ќе му се радува на едно прекрасно куче какво што е шарпланинецот“, вели Петковски кој од неодамна е во пензија па, како што вели, сега сето свое време им го посветува на неговите миленици. Вели најмногу од неговите шарпланинци продал во Грција, Албанија, Германија и други земји, а продал неколку и во Америка.
    Во пространиот двор на неговата куќа се шетаат три мали шарпланинчиња. Стари се околу 2 масеци. Си играаат, се задираат меѓу себе, си ја мерат силата. Во кафезот е нивната мајка која со будно око го следи секој нивни чекор и од време на време ќе залае како предупредување до нас да не ѝ ги задеваме малечките. Во другата просторија е едно поголемо шарпланинче кое седи во аголот и не се поместува од таму.

    Петко Петковские сопственик на одгледувачница за шарпланинци во тетовското село Јанчиште (Фото: СДК.МК)

    „Тој вчера беше немирен и го искарав, па за казна седи таму се додека не му дозволам да излезе“, вели Петко.
    „Жално е што младите не се многу заинтересирани за одржување на одгледувачници на кучиња. Порано имаше повеќе, а сега во тетовско има само две одгледувачници . Одгледувањето шарпланинци може да биде и бизнис но пред се тоа е старст и љубов кон оваа благородна раса кучиња. А љубовта кон нив често пати се валоризира и преку освојување награди. Така и јас често пати со моите шарпланинци учествувам на бројни изложби или специјалки како ги викаме. Најголема награда е што ја освоив е таа во 2006 во Смедеревска Паланка, каде во конкуренција од 120 кучиња моето куче го освои првото место. Секако моите кучиња освојувале и други награди бидејќи секогаш сум внимавал и сум ги одгледувал тие да ги имаат оние вистински карактеристики на шарпланинецот. Токму затоа и многу ми пречи што луѓето сѐ повеќе сакаат шарпланинецот да го претворат во салонско куче. Тоа е лошо и за кучето и за неговата раса во целина“, вели Петковски.

    Во дворот на Петковски и во село Јанчиште Медо слободно трча со уште двајца големи шарпланинци. Од тука се пружа прекрасна глетка кон со снег прекриената Шар Планина, исконското живеалиште на на овој пес. А шарпланинецот битката со волците и другите диви животни ја замени со урбаната средина и сега се бори за зачувување на својата автохтоност.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира