ШОКИРАН СУМ ШТО ТРЕБАШЕ ТОЛКУ ВРЕМЕ ЗА ДА СЕ РАЗОТКРИЕ ХАРВИ ВАЈНСТИН, ВЕЛИ ОСКАРОВЕЦОТ АЛЕКСАНДЕР ПЕЈН

    ШОКИРАН СУМ ШТО ТРЕБАШЕ ТОЛКУ ВРЕМЕ ЗА ДА СЕ РАЗОТКРИЕ ХАРВИ ВАЈНСТИН, ВЕЛИ ОСКАРОВЕЦОТ АЛЕКСАНДЕР ПЕЈН„Додека го пакувавме „Намалување“ од филмските студија ми беше кажано дека сценариото е премногу интелигентно за парите што ги барам“, рече Александер Пејн (средина) на Солунскиот филмски фестивал (Фото: Моушн тим)

    Специјално од Солун за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина КОСТОВА

    Двојниот оскаровец Александер Пејн вели дека е шокиран што требало толку долго време да се разоткрие криминалното однесување на холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, кого високопрофилни ѕвезди го обвинија за сексуална злоупотреба и сега е под истрага. Пејн, чиј последен филм „Намалување“ ја отвори годинешна Мостра во Венеција, денеска е во Солун каде на 58. филмски фестивал неговиот филм ќе има специјална проекција.

    „Шокиран сум и зачуден од големината на криминалното однесување на Харви Вајнстин и шокиран сум што требаше да помине толку долго време за да биде разоткриен. Се разбира дека сметам оти конечното разоткривање е добро за жените, оти тие сега велат нема тоа веќе да го поднесуваме и не сакаме да се повтори. Јас лично воопшто не го сакам Вајнстин, работев со него еден филм пред 21 година и никогаш веќе не сакав да работиме заедно. Зошто? Затоа што тој е еден многу непријатен човек и не знам зошто некој воопшто би му се приближил“, рече Пејн на прес конференцијата во Солун.

    Тој зборуваше и за „Намалување“, футуристичка комедија во која луѓето избираат да се смалуваат и да бидат високи 12 цм заради спас на планетата. Главната улога ја игра Мет Дејмон.

    „Идејата за ‘Намалување’ е многу стара, се роди во 2006, но требаше време концептот да се преточи во сценарио. Исто така, додека го пакувавме филмот, од филмските студија ми беше кажано дека сценариото е премногу интелигентно за парите што ги барам“, рече Пејн и додаде дека отприлика истиот одговор го добивал и за другите негови филмови, но имал среќа постојано да се најде некој кој би се нафатил да го продуцира и покрај тоа што филмот на хартија не му изгледал баш најдобро.

    Пејн вели дека Мет Дејмон е еден од најдобрите актери со кои работел.

    „Стивен Содерберг ми рече дека Мет Дејмон е најдобар актер, ќе стори се што ќе му кажеш, па и од планина ќе се фрли ако така побара режисерот“, вели Пејн.

    На Солунскиот фестивал вечерва е и премиерата на „Исцелител“, дебито на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески, што ќе игра во популарната програма Балкански преглед.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира