Шпанското кралско богатство од последниве пет века ќе биде собрано на едно место во новиот музеј во Мадрид, кој ќе се отвори на 29 јуни. Изградбата почна во 1998 и чинеше 162 милиони евра. Галеријата на Кралската колекција се наоѓа спроти Кралската палата, и ќе ги претстави сите уметнички дела, таписерии, мебел како и кочии кои им припаѓале на шпанските монарси.
Најголем дел од 650-те експонати за првпат ќе бидат изложени за јавноста, бидејќи со години се чувале на историски места низ Шпанија.
„Има дела што доаѓаат од палати или манастири и овде претставуваме друг начин на нивно гледање“, вели директорката на музејот Летисија Руиз Гомез.
Меѓу атрактивните дела е сликата „Белиот коњ“ на Диего Веласкез, која последен пат била изложена во 2015 на привремена изложба во Париз.
„Остатокот од времето стоеше во агол од соба во Кралската палата“, рече Руиз Гомез.
Меѓу експонатите е и таписерија од 16. век која ѝ припаѓала на кралицата Изабела, а која Министерството за култура во февруари ја купи за 1 милион евра. Ќе се изложи и првото издание на „Дон Кихот“ од Сервантес.
„Целта е да се покаже различноста, богатството и квалитетот на она што шпанските монарси го собрале во текот на пет века“, рече Ана де ла Куева, шефица на шпанската Државна агенција за наследство.