ШТИПЈАНЕЦОТ ДИМЕ ЈАКОВЛЕВ СТАНА СВЕТСКИ ПРВАК ПО РАДИОАМАТЕРСТВО, ЕДИНСТВЕН ВО МАКЕДОНИЈА ЈА КОРИСТИ МЕСЕЧИНАТА ЗА ИСПРАЌАЊЕ РАДИОСИГНАЛИ

    ШТИПЈАНЕЦОТ ДИМЕ ЈАКОВЛЕВ СТАНА СВЕТСКИ ПРВАК ПО РАДИОАМАТЕРСТВО, ЕДИНСТВЕН ВО МАКЕДОНИЈА ЈА КОРИСТИ МЕСЕЧИНАТА ЗА ИСПРАЌАЊЕ РАДИОСИГНАЛИЈаковлев се занимава со радиоаматерство повеќе од 40 години и сам си изработил антенски систем (Фото: СДК.МК)

    Членот на штипскиот радиоклуб „Никола Тесла“, Диме Јаковлев, ја доби дипломата за светски првак во радиоаматерство за 2020 година, дисциплина телепринтерство, што ја доделува Светската организација на радиоаматерите. Пред десетина години, тој беше и европски првак по радиоаматерство.

    Светскиот куп натпревар се одржал во октомври минатата година, но резултатите вообичаено се објавуваат неколку месеци подоцна, затоа што се сумираат апликации од милиони учесници.

    Јаковлев ја добил потврдата за светски првак неколку месеци по одржувањето на Светскиот куп натпревар

    Јаковлев, чие радиоаматерско име Z35Z, е единствениот радиоаматер во Македонија кој ја користи Месечината за праќање радиосигнали, кои му овозможуваат комуникација со илјадници радиоаматери во светот. На натпреварот, за 48 часа остварил врски со најголем број учесници, со што станал и светски првак.

    „Кога се гледа Месечината, ја користам како пасивен рефлектор и антената и сигналите ги насочувам кон неа. За 2,4 секунди моите радиосигнали преку Месечината се враќаат на Земјата и воспоставувам комуникација со оние кои го примаат мојот сигнал“, вели Јаковлев, кој сам си изработил антенски систем и го инсталирал во дворот и на својот дом во Штип.

    Диме Јаковлев е познат и по својата хумана дејност. Пред неколку години, заедно со колега од Битола спасија девојче, така што со помош на нивните радиоврски од Франција го обезбедиле неопходниот лек, кој во Македонија пристигнал за еден ден.

    Јаковлев е поранешен вработен во СВР Штип, а со радиоаматерство се занимава повеќе од 40 години.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира