СКАПОЦЕНИ ГРАФИКИ ОД СВЕТСКИ МАЈСТОРИ РАСПОСЛАНИ ВО КОЛЕКЦИЈАТА НА МСУ

    СКАПОЦЕНИ ГРАФИКИ ОД СВЕТСКИ МАЈСТОРИ РАСПОСЛАНИ ВО КОЛЕКЦИЈАТА НА МСУФранцускиот уметник Бернард Бифе е еден од авторите кои ја одбележале историјата на ликовната сцена во 20. век, а чии дела се во колекцијата на МСУ (Фото: К. Попов)

    Сол ЛеВит, Џаспер Џонс, Војтех Пресиг, Бернард Бифе, Ники Де Санфал, Георг Базелиц, Душан Перчинков и Симон Шемов ги пречекуваат посетителите во Музејот на современа уметност (МСУ), на импресивната изложба „Графичката колекција на МСУ“ која се отвори на 14 септември.

    Графичката колекција на МСУ, како најдоминантен сегмент во збирката на Музејот со над 2.000 отпечатоци изработени во различни графички техники, како што вели кураторот Благоја Варошанец, го предизвика тимот да го презентира материјалот, каде поголем дел од графиките припаѓаат на меѓународната збирка на Музејот што е прогласена за културно наследство од особено значење.

    Претставени се авторите кои ја одбележале историјата на ликовната сцена во 20-от век, како Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Андре Масон, Бернард Бифе, Ники Де Санфал, Георг Базелиц, Зоран Мушич, Џаспер Џонс, Сол ЛеВит.

    „Можни комбинации со прави линии и во четири насоки“, на Сол ЛеВит од 1973 година и „Кожата на поемата на О’Хара“ на Џаспер Џонс од 1965 година (Фото: К. Попов )

    Историјата на графичката збирка на МСУ почнува по катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963, кога во склоп на солидарноста почнале да простигнуваат првите на првите донации на уметнички дела за Скопје. Подарените дела поттикнале размислувања уште од август 1963, за конечно на 13 ноември истата година да биде основан Иницијативен одбор за основање галерија на модерната уметност, подоцна преименувана во Музеј на современата уметност.

    Меѓу првите донации се делата од графичарите Џузепе Сантомазо (Италија) и Хап Грисхабер (Германија), па следуваат иницијативите и донациите од Југословенската академија на науките и уметностите, Друштвото на хрватските ликовни уметници, колекционерот и новинар Герхард Ледиќ, како и Меѓународното здружение на ликовни уметници (АИАП), кое на својот конгрес, одржан во октомври 1963 во Њујорк, упати апел до уметничките асоцијации и индивидуални уметници во светот да придонесат во создавањето колекција на уметнички дела преку која ќе ја поттикнат обновата на градот.

    Како основен фактор за создавањето на богатата графичка колекција на МСУ е Меѓународното графичко биенале во Љубљана основано 1955. По основањето на Музејот во континуитет се добивале донации од најзначајните и наградените графичари на Биеналето и создавањето, односно заокружувањето на колекциите од Јапонија, Кореја, Словенија, Чешка, Полска, Финска, Италија, Англија.

    Дел од колекцијата е графиката на Боб Бони, „Мапа на графики 1-4“ од 1967/1969 година (Фото: К. Попов )

    Уште од самото основање МСУ ги претставува графичките дела на изложби, како на пример „ Подарени графики од странство“, „Источногерманска графика“, „Чехословачка современа графика“, „Современа графика од Бразил, „Јапонски акварел и графика“, „Современа италијанска графика“, „Американска графика“, „Полска графика“.

    „Почетоците на современата македонска графика датираат во периодот помеѓу двете светски војни, во инцидентните свртувања кон овој ликовен медиум на основоположниците на современата македонска ликовна уметност Димитар Аврамовски, Никола Мартиноски, Борко Лазески и Цицо Поповиќ, а за време на НОБ се изработуваат строго наменски графики за пропагандни цели од Ангеле Ивановски, Борко Лазески, Нико Този. Училиштето за применета уметност се основа во 1945 година, но за графиката како самостојно изразно средство, може да се зборува дури во 1950-те и 1960-те години, време кога се појавуваат нови генерации ликовни уметници школувани на ликовните академии во Белград, Загреб и во Љубљана. Овие академски графичари кои дејствувале во шеесеттите години на минатиот век се претставници на едно време на интензивен развој на графиката во Македонија“, велат од МСУ.

    Графичката колекција на МСУ е најдоминантен сегмент во збирката на Музејот со над 2.000 отпечатоци изработени во различни графички техники (Фото: К. Попов)

    Најзначајни претставници во развојот на македонската графика во 1950те и 1960-те години, а кои ја поставиле основата на графичкиот медиум се Димче Протугер, Јордан Грабул, Ристо Лозаноски, Љубодраг Маринковиќ – Пенкин, Ванчо Ѓорѓиевски, Петар Хаџи Бошков, Менче Спировска, Драгутин Аврамовски – Гуте и Божин Барутовски.

    Во националната колекција на МСУ се претставени графиките на авторите Менче Спировска, Димче Протугер, Љубомир Маринковиќ-Пенкин, Божин Барутовски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Ѓорѓи Крстевски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Драган Биков, Томислав Крмов, Ранко Струмениковски, Павле Кузамановски, Ацо Филиповски, Костадин Танчев, Стефан Маневски, Доне Милјановски, Ѓорѓи Чулаковски, Трајче Димчевски, Димче Кочовски, Илија Кочоски, Биљана Унковска, Димитар Малиданов, Димче Николов, Зоран Јакимовски, Виолета Чауле и Ѓорѓи Чулаковски, Симон Шемов, Душан Перчинков, Глигор Чемерски, Ана Темкова, Петар Хаџи Бошков и Јордан Грабул.

    „Фокусот на графичката збирка е од педесеттите до крајот на осумдесеттите години на минатиот век. По деведесеттите години на минатиот век поради неповолните услови, во колекцијата не се додадени многу дела од македонски автори. Вкупно во вид на аквизиции и донации се примени дела од дваесет и четири автори застапени со шеесет и еден графички лист“, вели Варошанец.

    Според него, МСУ преку меѓународната збирка на графики со мали пропусти може да го следи развојот на графиката во 20 век, каде што фокусот е на графички листови од 195о-те до 1980-те години на автори од 57 земји во светот застапени со над 1.500 графички листови.

    „Зелено-црвена графика“ на Мирослав Шутеј, 1975 година (Фото: К. Попов)

    Предвоениот период како најмалку застапен претставува вовед во колекцијата од кој се тргнува при нејзината анализа, имајќи ги предвид сецесионистичките дела на Војтех Прејсиг, како и директно експресионистичките рефлексии одбележани со германско/чешката графика на Владимир Силовски од 1926 година.

    Донаторите од Франција зафаќаат голем дел од збирката и како активни класици на модерната: Бернард Бифе, Жан Базен, Жан Деван, како и Виктор Вазарели, кои се дел од уметноста рефлектирана преку француската традиција на импресионизмот, кубизмот до апстракцијата.

    Италијанската колекција е предводена од Карло Кара и Афро Базалдела кои се важни претставници, како и придвижувачи на актуелните појави во Италија и во Европа во повоениот период.

    Делата на уметниците од Велика Британија се од големо значење во збирката на МСУ со автори кои го одбележаа 20 век: Агата Сорел, Ален Ричард, Боб Чаплин, Бриџит Рајли, Питер Филипс, Питер Хобс, Хенри Мур, Џек Јетс, Џим Кеив и Дејвид Хокни.

    Застапници на појавите во современата американска графичка сцена се истакнатите дела на авторите: Алекс Кац, Габор Петерди, Ден Алисон, Едмон Казарела, Едуардо Кац, Сол Ле Вит, Џаспер Џонс, Џеф Расел и Џоан Мејер.

    Подарените графики од поранешната Чехословачка, денес се претставени преку Чешка и Словачка колекција. Во збирката е и донацијата на дела од Националната галерија во Прага, кои по настаните од Прашката пролет во 1968 година, од тогашната власт биле забранети со вето за изложување.

    Графичкиот медиум има долга традиција во полската уметност, од каде се застапени делата на авторите: Зигмунд Котларчик, Мјечислав Вејман, Тадеуш Чобер, Колвжан Новицка, Јежи Панек, Тадеуш Јацковски, Јежи Трелински, Кристина Пјоторска и Луцјан Мјановски.

    Поголем дел од графиките припаѓаат на меѓународната збирка на Музејот што е прогласена за културно наследство од особено значење (Фото: К. Попов)

    Кога станува збор за донациите од авторите на поранешна Југославија, бројот на делата и авторите од овие простори е огромен и поделен на збирки од шест земји: Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина. Претставници на овие збирки се : Србија (Анкица Опрешник, Бранимир Кара новиќ, Владимир Величковиќ, Милан Керац, Стојан Ќелиќ), Босна и Херцеговина (Мерсад Бербер, Радован Крагуљ, Томислав Дугоњиќ и Џевад Хозо), Хрватска (Александар Срнец, Анте Кудуз, Борис Буќан, Вилко Селан Глиха, Едо Муртиќ, Златко Прица, Јосип Бутковиќ, Јурај Добровиќ, Мирослав Шутеј, Предраг Спасојевиќ), Словенија (Андреј Јемец, Богдан Борчич, Звест Аполонио, Зоран Мушиќ, Марјан Војска, Стане Јагодич, Томаж Горјуп, Тута Клавдиј), Косово (Фатмир Крипа и Ѓелош Ѓокај). Во графичката колекција нема претставници од Црна Гора.

    „Донациите на јапонските графики во колекцијата на МСУ се добиени преку Меѓународното биенале во Љубљана на кое учествуваат авторите преку кои можеме да ги следиме тенденциите во јапонската современа графика: Јозо Хамагучи, Кунихиро Амано, Хидео Хагивара, Масају Јошида.

    Германската графика во колекцијата ја следиме преку графичарите во чии творештва се присутни искуствата од германскиот експресионизам, а особено преку портретите на: Хелмут Дил, Леа Грундиг, Герхард Кетнер, Криста Круг, Херберт Тухолски, Ханс Орловски и Хајнц Кампман Хервест, Георг Базелиц“, велат од Музејот.

    Покрај споменатите колекции, значајна улога имаат и колекциите кои, иако мали по број, сепак, претставуваат еден квалитетен репрезент на автори од тие земји, како на пример Грција, Бразил, Белгија и Кореја, која е претставена преку големата лична донација на триесет и пет графики од авторот Дан Џан Квак, како и делата на Сонг Си Ме и Кју Баик.

    „Приказната на графичката колекција ја завршуваме со делата што се добиени во последните три децении врз база на донации и аквизиции. Поради периодот на транзиција, како и менувањето на откупната политика и проблемот на институциите да одлучуваат и самостојно да дејствуваат во селекцијата на автори и дела во колекциите, од овој период (1990-2018 година), во графичката колекција поседуваме само петнаесет графички листови од десет автори“, велат од Музејот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира