Ремек-дело од италијанскиот уметник Џузепе Гисланди, што нацистите го украле од еврејски трговец со уметнички дела во Амстердам, е забележана на веб-страницата на агент за недвижности кој продава куќа во Аргентина, повеќе од 80 години откако била земена.
Фотографијата ја прикажува сликата „Портрет на дама“ како виси над софа во имот во близина на Буенос Аирес, некогаш во сопственост на високиот нацистички функционер Фридрих Кадгин, кој се преселил во Јужна Америка по Втората светска војна. Сликата, која се наоѓа во базата на податоци за изгубена уметност, била пронајдена кога куќата била ставена на продажба од ќерката на Кадгин.
Уметничкото дело е меѓу стотиците земени од трговецот Жак Гудстикер, кој им помогнал на други Евреи да избегаат за време на војната. Гудстикер починал во несреќа на море бегајќи од Холандија и е погребан во Англија.
Над 1.100 дела од колекцијата на Гудстикер биле откупени на присилна продажба од страна на високи нацистички функционери. По војната, некои од делата биле пронајдени во Германија и денес се изложени во Државниот музеј во Амстердам како дел од холандската национална колекција. Единствената преживеана наследничка на Гудстикер, снаата Мареи фон Сахер, станала сопственичка на 202 дела во 2006 година.
Но, една слика, портрет на Контеса Колеони од доцнобарокниот сликар Џузепе Гисланди, до денес се водела како исчезната. Истрагата на холандскиот весник „АД“ откри воени документи што сугерираат дека сликата била во посед на Фридрих Кадгин, офицер на СС, кој избегал во Швајцарија во 1945, пред да се пресели во Бразил, а потоа во Аргентина, каде што станал успешен бизнисмен. Кадгин починал во 1979 година.
Од весникот велат дека низ годините се обидувале да разговараат со двете ќерки на Кадгин во Буенос Аирес, но без успех. Адвокатите на задужбината на Гудстикер рекоа дека ќе вложат максимални напори да ја вратат сликата.