Со театарската претстава „Илијада“ од Хомер во копродукција на Словенско народно гледалишче- Драма, Цанкарјев дом и Градски театар од Љубљана, во режија на Јернеј Лоренци, можеби еден од најголемите проекти на фестивалот Охридско лето, синоќа заврши 58. издание на најголемата музичко-сценска манифестација во државава.
Публиката, составена од политичари, театарџии и бизнисмени, беше задоволна од врвната актерска игра во приказната, која колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата започна како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седнати на столици, ја раскажаа крвавата историја за „Илијада“ на микрофони.
Раскажаниот вовед полека прерасна во едно целосно театарско доживување со една универзална нишка која беше препознатлива за целата публика.
„Актерите играа пред сцената на Античкиот театар со што гледалиштето беше поставено, централно, во правоаголна форма. Странично беа поставени конструкции со рефлектори со што беше невозможно да се следи од краевите на Антички. Но сето тоа јавноста го знаеше затоа што навремено го најавивме”, велат од дирекцијата.
„Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено. Доколку поставевме публика на страничните места на Антички ќе беше невозможно да се следи претставата и токму поради тоа се ограничивме само на предниот дел, а протоколот го сместивме на самиот партер. Од следната година за вакви специфични претстави ќе направиме платна со кои ќе ги покриваме местата од каде што не може да се гледа претстава, со цел за да не се добие впечаток дека не можеме да го наполниме Античкиот театар. Но она што е сепак битно, е тоа дека го имавме најголемиот театарски проект на Охридско лето и на Античкиот театар”, велат од Охридско лето.
Д. ЧУБРИЌ