СО „ЧУКНИ ВО ДРВО“ ДАВАМЕ НАДЕЖ ВО ОВАА ТМУРНА ПРОЛЕТ, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ЗА ПРЕРАБОТКАТА НА ХИТОТ СО ПОВЕЌЕ МУЗИЧАРИ

    СО „ЧУКНИ ВО ДРВО“ ДАВАМЕ НАДЕЖ ВО ОВАА ТМУРНА ПРОЛЕТ, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ЗА ПРЕРАБОТКАТА НА ХИТОТ СО ПОВЕЌЕ МУЗИЧАРИВо проектот се вклучени и младите музичари Јан Стефановски на тапани и Иван Кукуќ на бас гитара, како и Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во аранжаман и под диригенство на Ерхан Шукри. (Фото: Принтскрин од видеото на „Чуки во дрво“)

    Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски и македонски музичари од повеќе жанрови го преработија хитот „Чукни во дрво“ на култната група „Леб и сол“ од 1989 . Стефановски, кој беше дел од бендот со која растеа генерации, вели дека идејата е на Мери Попова, уредничка на Културно-уметничката програма во Македонската радиотелевизија (МРТВ), која му се јавила, тој размислил пет минути и се согласил.

    „Знаете, веќе излегоа многу преработки, сите се снимаат дома, но ‘Чукни во дрво’ е пролетна песна, полетна песна, дава надеж, оптимизам и ми се виде како фина идеја да донесе малку надеж во оваа тмурна пролет. Ова е повеќе социјален отколку музички проект. Ме радува дека има музичари и од класичната музика, како оперската пејачка Весна Ѓиноска-Илкова и пијанистот Симон Трпчески, и сум многу благодарен на сите колеги кои со добра волја  ја прифатија поканата“, изјави Стефановски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Сите се снимале дома, а потоа видеата се монтирале во МРТВ, и целиот проект бил готов за една недела.

    Во проектот се вклучени и младите музичари Јан Стефановски на тапани и Иван Кукуќ на бас гитара, кои настапуваат со Влатко Стефановски на концерти, како и музичките уметници Вера Милошевска-Јосифовска од „Љубојна“, Влатко Лозаноски, Алекандар Митевски, Драган Спасов-Дац, Миле Кузмановски, Калиопи, Ленче и Горан Кукиќ, Андријана Јаневска, Пере од „Нокаут“, како и Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во аранжаман и под диригенство на Ерхан Шукри.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари