Пречник над еден метар имаше мазникот со паричка што за празникот Василица го свртија жителите на битолското село Буково. И покрај температурите под нулата, василичарската буковска трпеза се одржа под отворено небо. Беше пребогата подготвена од вредните раце на буковските домаќинки – oд питулици, палачнки, мекици, зелници, баклави, равании, торти, колачи, гибаници… Се испече цела фурна леб со дваесетина векни, а по старата традиција веднаш по лебот се ставија пиперки да се печат и на местото каде се одржуваше прославата жителка од Буково толчеше пресна пипер. Буковската пипер како зачин е надалеку позната и е бренд на селото.
„Сето ова за гостите беше бесплатно. Донираше секој колку сака, а тие пари нема да бидат за настанот и организаторите, туку ќе останат да се користат за потребите на Буково“, рече Горан Кабровски, претседател на месната заедница во Буково.
За учесниците и гостите на првата василичарска буковска трпеза имаше дрес код, за дамите-бeретка или шеширче плус ракавици, шал, марама. Дрес кодот за мажите беше палто плус шешир и ракавици. Ова беше избрано за да се прикаже долгогодишната традиција на Буково, кое има градски обележја од архитектурата, начинот на облекување низ годините, верувањата дека тука се преселиле луѓето од Хераклеја и дека се граделе куќи со тапии уште пред 600 години.
Буково е планинско село, распослано во пазувите на Баба Паланина на надморска височина од 821 метар. Денес има 1.100 жители, а од таму исселени се над 4.000 лица кои имаат свои фамилии, па бројката на буковци низ светот е многу поголема.
Ж. ЗДРАВКОВСКА