Зоолошката градина бара уметници и скулптори кои донирајќи ги своите дела ќе ја разубават градината. Денеска Зоолошката градина ја почна кампањата, со која треба да добие нов имиџ односно со графити да се бојадисаат ѕидовите, патеките и да се постават скулптури во вид на животни низ градината.
„Секој кој е креативен, сака животни, или пак поседува нешто кое може да го подари е добредојден да помогне. Графитџии кои би ги разубавеле ѕидовите, уметници кои би ги развеселиле патеките, скулптори кои би ни направиле статуетки животни. Креативци кои би изработиле играчки и реквизити за животните, општествено одговорни компании кои би донирале алат или други средства за одржување на зоолошката, одгледувачи кои би подариле цвеќе и дрвца, хуманитарци на кои веќе не им се потребни старите транспортери и кафези за мали животни“, велат од Зоолошката градина.
Кампањата ќе трае до 30 март, а секој кој ќе придонесе за новиот имиџ на Зоолошка ќе добие табличка со своето име на ѕидот на пријателите и помагачи на Зоо. Сите кои сакаат да учествуваат во кампањата треба да се јават на телефонскиот број 070 688-014.
А. АНТЕВСКА