Британската кралица Елизабета Втора веруваше дека монархот мора да биде виден за да му се верува. Таа се погрижи тоа да биде така дури и кога ќе се вмешаше променливото британско време, воведувајќи употреба на проѕирен пластичен мантил за дожд, за да не ја прикрива црниот чадор од погледот на јавноста.
Тој мантил е еден од околу 300 парчиња облека и други модни артефакти што од 9 април се изложени во Кралската галерија во Бакингамската палата во Лондон, додека Британија се подготвува да ја одбележи стогодишнината од нејзиното раѓање. Елизабета е родена на 21 април 1926, а почина на 8 септември 2022 на 96 години. Поставката ја следи приказната на Елизабета и нејзиното влијание врз британската мода.
„Мислам дека таа имаше јасно чувство за тоа што ѝ прилега. Таа точно знаеше како сака да изгледа“, изјави кураторката на изложбата, Каролин де Гито.
Некои од предметите лесно се препознаваат, бидејќи Елизабета беше една од најфотографираните личности во историјата. Но балските фустани, твид костумите и препознатливите марами за глава понекогаш изгледаат необично кога се поставени на музејски манекени наместо на самата кралица.
Има и предмети што се навистина уникатни. Како на пример фустанот, заедно со долна облека, што го носеше дублерката на Елизабета за време на отворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012 , кога тогаш 86-годишната кралица се појави како да скока со падобран во стадионот заедно со Даниел Крег во неговата улога на Џејмс Бонд. За да се заврши илузијата, кралицата потоа се појави на трибините облечена идентично.

Кураторката вели дека како што стареела, Елизабета избирала да носи светли или впечатливи бои за време на големи јавни настани, за да може лесно да биде забележана и посетителите да можат да кажат дека ја виделе кралицата. (Фото: АП)
Двата фустанa, дизајнирани од долгогодишната кројачка на Елизабета, Ангела Кели, се изложени еден покрај друг, иако верзијата на дублерката има голем патент на задниот дел за да се приспособи на падобранот. Изложбата, составена од околу 4.000 предмети што некогаш ѝ припаѓале на кралицата, истражува како модата станала едно од нејзините најмоќни средства за комуникација. Елизабета имаше само 26 години кога го наследи својот татко на британскиот престол во 1952 година и потоа стана британски монарх со најдолг стаж во историјата.
„Кралицата имаше длабоко разбирање за тоа како модата може да служи како средство за дипломатија, особина која, иако потекнува од претходни владеења, таа ја разви во вистинска уметност. Бојата или украсите испраќаа пораки на почит кон земјата домаќин уште пред таа да изусти и еден збор во својот говор“, вели Де Гито.




