СО ШАР ПЛАНИНА KAKO НАЦИОНАЛЕН ПАРК ЌЕ СЕ ДОБИЕ ЕДНО ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ЗАШТИТЕНИ ПРЕКУГРАНИЧНИ ПОДРАЧЈА ВО ЕВРОПА

    СО ШАР ПЛАНИНА KAKO НАЦИОНАЛЕН ПАРК ЌЕ СЕ ДОБИЕ ЕДНО ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ЗАШТИТЕНИ ПРЕКУГРАНИЧНИ ПОДРАЧЈА ВО ЕВРОПАПаркот ќе биде поделен на три зони, од кои една ќе биде строго заштитена

    Намалување на илегалната сеча и на илегалното користење на сите природни ресурси и убавини, регулирање на проблемот со дивоградбите и воспоставување ред во никнувањето на мали хидроелектрани е дел од она што треба да се постигне со најавеното прогласување на Шар Планина за национален парк, што е во завршна процедура во Собранието.

    Паркот ќе има и бафер зона, наменета за развој на идниот скијачки центар

    Еден од најубавите предели во Македонија со години е изложен на неконтролирано уништување, на што конечно би требало да се стави крај откако ќе биде ставен под заштита на државата, која истовремено ќе може да го искористи за развој на туризмот.

    Заедно со територијата на Шар Планина на Косово, националниот парк Маврово и со делот на Кораб од албанската страна, со прогласувањето на Шар Планина за национален парк ќе се добие заштитена површина од 240.000 хектари, што ова го прави едно од најголемите прекугранични подрачја во Европа. Од долната до најсеверната линија, тој ќе опфаќа простор од 30 километри.

    Националниот парк ќе отвори нови можности и за локалното население

    Според планот што го претстави Министерството за животна средина и просторно планирање, паркот ќе има три зони.

    „Во строго заштитената зона се Кобилица, Љуботен, Бистрица, Лешница и Маздрача на границата со националниот парк Маврово. Тука влегува и љуботенската шума со букови дрвја со квалитетен генетски материјал, кој вреди да се заштити. Такви слични вредности има во сите зони на строга заштита и тие и беа формирани на таков начин“, вели Анела Ставревска-Панајотова, проект-координаторка за национални паркови.

    Освен комерцијалното, туристите ќе се привлекуваат и со фри рајд скијањето

    Останатите две се зона на активно управување и одржливо користење и бафер зона.

    „Во секоја од овие зони има точно определени активности кои се и не се дозволени. Почетните точки во зонирањето беа Законот за природа, стандардите на ИЦУН, организација која ги поставува светските стандарди за заштита на природа и поставува малку повисоки норми и беа земени примери од други национални паркови од Европа“, појасни Ставревска-Панајотова.

    Бафер зоната ќе има комерцијален карактер и е наменета за развој на идниот скијачки центар.

    Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е во завршна процедура во Собранието

    „Тој е заснован на мастер планот за развој на Шапка како ски-центар, изработен пред десетина години, но кој никогаш не заживеа. Сите сме свесни дека има потреба од развој, но во едно заштитено подрачје, тоа мора да биде во контролирани размери. Ќе се реконструираат постоечките ски-лифтови и ќе се додадат неколку нови, а освен комерцијалното скијање, туристите ќе се привлекуваат и со фри рајд скијањето на ретко видливи и непристапни места“, вели Ставревска-Панајотова.

    Македонија нема добиено нов национален парк од 1958 година и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека на овој начин им оставаме нешто на идните генерации.

    „Ќе можеме да ја подобриме инфраструктурата, да инвестираме во екотуризам и ќе се отворат нови работни места за локалното население. Целта е додека ги штитиме околината и биодиверзитетот да се постигне одржлив економски раст“, вели Нуредини.

    Со прогласувањето на националниот парк конечно би требало да се стави крај на илегалната сеча

    Тој се осврна и на двата најгорливи проблема кои ја загрозуваат Шар Планина: изградбата на малите хидроцентрали и илегалната сеча.

    „Јас лично не сум за хидроцентралите, но тоа се постапки направени во минатото. Тука имате владини одлуки и потпишани договори. Ќе преговараме со инвеститорите кои сè уште не почнале да градат да се повлечат од обврските што ги имаме кон нив, особено со оние кои се во строго заштитени зони. Што се однесува до илегалната сеча, таа беше, е и ќе остане илегална. Целта на формирањето на национален парк е да се воведе ред. Досега заштитата не се правела како што треба. Властите на националниот парк, заедно со ангажираните ренџери, ќе треба да се погрижат да се обезбеди да нема илегална сеча“, вели Нуредини.

    Текст и фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира