Кинотеката на Македонија вчера на скромен начин ја одбележа 90-годишнината од раѓањето на еден од доајените на македонскиот филм, театар, педагогија, Димитрие Рули Османли. Говореа, писателот Александар Прокопиев и филмологот Илинденка Петрушева, а меѓу малубројната публика беа присутни внукот на Рули, и филмската ѕвезда, како беше поздравена Љупка Арсова Џундева, која игра во безвременскиот филм „Мирно лето“ кој се прикажа на свеченоста.
Синот на Рули, писателот Томислав Османли, беше оправдано отсутен, но беше поздравен со апел дека од него се очекува монографија за татко му, за големиот човек и уметник кој остави дело кое влегува во македонската историја.
Димитрие Рули Османли е роден во Битола на 29 мај, 1927, а почина во март, 2006. Дипломирал на Академијата во Белград во 1952, специјализирал во Париз, има над 90 тетарски режии, голем број документарци, 4 играни филмови, голема ТВ продукција, многу награди. Беше професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Прокопиев рече дека преку деталите може да склопи некаков мозаик за творечката личност на уметник од калибарот на Рули, па рече дека иако релативно доцна го запознал, тој оддавал со младешки дух, духовитост, разнообразност во идеите, со нескротлив темперамент.
„Но, и денес еден од првите детали што ме поврзуваат со Димитрие Османли е жолтата куќа на Османли на Широк Сокак во Битола, која секогаш ја гледам со посебно љубопитство, благодарение на приказните кои полни со живот и со емпатија ми ги има раскажувано мојот пријател Томи Османли за нивнита куќа, која е една од најубавите во Битола. Кога ги гледам четирите филма на Рули, секогаш размислувам како од таа куќа тоа младо момче почнало да го осознава светот“, раскажуваше Прокопиев.
Тој рече дека Османли го бележат два момента, како уметник кој е пионер во многу нешта, тој е првиот македонски режисер на македонски филм, првиот дипломиран режисер, првиот режисер на ТВ филм, првиот дипломиран Аристофан во Битола, но дека втората особина на Рули, Прокопиев ја осознал откако го гледал неговиот филм „Жед“. Зашто, вели, дотогаш Рули го познавал како динамична личност, со изразена доза на духовитост, весел темперамент, а со „Жед“ тој отвара нова димензија на автор кој во темна гама, во тоа време направил трогателна социјална драма.
„Среќа е за една уметност да има таков човек кој остави такво дело зад себе“, заврши Прокопиев.
Петрушева, почна со анегдотата како Рули за ТВ филмот „Скопски сновиденија“ ја отселил од нејзиниот стан, зашто решил дека е таму е најпогодно за снимање оти имала шибер врати.
„Ѝ рече на екипата да не види ниту еден отпушок на крајот на снимањето, и навистина, така беше“, вели Илинденка.
Таа го потенцираше фактот објавен во „Вечењи новости“ и текстот на Воин Витезица од 27 август, 1960 година, во кој пишува дека првата македонска комедија доби свој „командант“, дебитантот Димитрие Османли, инаку познат тетарски режисер, но, тоа не е сѐ, продолжува текстот, додавајќи дека е тоа и првиот македонски режисер на македонски филм, зашто претходно во овдешната кинематографија гостуваа уметници од другите центри како што беа Нановиќ, Штиглиц, Митровиќ.
Петрушева го издвои и фактот што Рули заедно со Бранко Гапо се втемелувачите на современата македонска документаристика. Рули со „Дванаесетте од Папрадник“, за што во 1965 доби Златен медал во Белград, што тогаш беше светски реномиран фестивал за кусометражни и документарни филмови, а Гапо со „Граница“.
Освен за шеговитата, понекогаш саркастична страна на Рули, неговиот темперамент во работата со актерите, и Илинденка се надоврза на оној сериозниот Рули, кој вели дека се гледа дури и во навидум лесната комедија „Мирно лето“, зашто и таму тој го раскажува својот филм што го снима цел живот, а тоа е судбината на луѓето.
„Се снимија купишта филмови за скопската катастрофа и земјотресот, но како што се ‘Мементо’ и ‘Кејот 13 Ноември’, нема. Тоа се филмови со поетска драма, особено ‘Кејот’, кој дише со надеж во кадарот на Рули“, вели Петрушевска.
Таа ги повика младите филмолози да го анализираат неговиот последен филм „Ангели на отпад“ кому тогаш критиката му најде забелешки, но вели, и таму Рули експериметираше како младо момче, и во тој филм има многу замки кои зборуваат за општетвените случувања и нивното влијание на судбините на луѓето. Рули, потсети Илинденка, е и првиот автор на ТВ мјузикли, „Веселата дружина“ и „Сто и еден километар“.
„Тој е еден од великаните на македонската уметност кој експериментираше подеднакво и во животот и во творештвото“ рече таа.
Одбележувањето на роденденот на Османли во Кинотеката продолжува вечерва, со „Мементо“ од 20 часот, утревечер на програма е „Ангели на отпад“, в четврток ќе биде прикажан „Жед“ и в сабота избор од краткометражни филмови од дојанот.