СРЕЌНО ЖИВЕЕВ ВО СКОПЈЕ ПОВЕЌЕ ОД ГОДИНА И ПОЛ, ВЕЛИ ЛЕПА БРЕНА ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА 18 ДЕКЕМВРИ

СРЕЌНО ЖИВЕЕВ ВО СКОПЈЕ ПОВЕЌЕ ОД ГОДИНА И ПОЛ, ВЕЛИ ЛЕПА БРЕНА ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА 18 ДЕКЕМВРИБрена вели дека ги обожува сите производи од модар патлиџан, пиперки и домати. (Фото: СДК.МК)

Српската пејачка Лепа Брена денеска одржа прес-конференција во Скопје по повод нејзиниот концерт на 18 декември. Пејачката се присети на периодот кога со сопругот Боба Живојиновиќ и со постариот син Стефан живеела во Скопје, а зборуваше и за промените во градот и за носталгијата по Југославија.

Во Скопје се преселиле поради деловниот ангажман на нејзиниот сопруг, кој одлучил да отвори генерално претставништво на еден автомобилски бренд.

„Јас тогаш го имав само постариот син Стефан и мојот сопруг одлучи да се преселиме во Скопје. Дојдовме тука со нашата секретарка. Мене тоа ми беше многу чудно, меѓутоа, бидејќи ние двајца сме светски патници, домот ви е таму каде што ви се децата, каде што ви е сопругот и каде што работите. Можам да ви кажам дека навистина уживав и дека многу добро се сеќавам на тој убав период. Тука поминавме нешто повеќе од година и пол. Најмногу уживав во македонската храна. Можеби не изгледам како гурман, но ги обожавам сите производи од модар патлиџан, пиперки и домати“, рече Лепа Брена, која живееше во Скопје на почетокот на 1990-тите кога нејзиниот сопруг отвори претставништво на Мерцедес во Македонија.

Пејачката вели дека забележува инфраструктурен напредок во Скопје, но смета дека луѓето останале исти.

„Скопје се гради и има голем напредок. Јас сум стара Југословенка. Така сум родена и не се менував ниту во оние лоши времиња. Сметав дека југословенството има една ширина, која би ја нарекла космополитизам и пацифизам. Луѓето ги делите на добри и лоши, а можеби јас ги делам на работници и неработници“, кажа пејачката.

Таа додава дека е носталгична по времето во кое растела и по вредностите со кои биле воспитувани нејзините генерации.

„Јас сум носталгичар. Воспитана сум како Југословенка. Тогаш имавме само две телевизиски програми. Се радувавме и на телефоните и на правосмукалките и на целиот тој технолошки напредок што ја затекна нашата генерација. На телевизија можевме да гледаме исклучителни личности од светот на спортот и науката, детски и културно-забавни емисии, најдобрите актери, најдобрите спортисти, светските научници и најновите светски серии“, рече пејачката.

Во 1995 година, Брена одржа голем концерт на Градскиот стадион во Скопје со 25.000 посетители.

М. ЏAРОВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира