Смртта на славниот готвач Ентони Бурден и на модната дизајнерка Кејт Спејд само го нагласија проблематичниот тренд – зголемена стапка на самоубиства меѓу средовечни Американци.
Ментални проблеми, многу често неоткриени, најчесто се повод и експерти велат дека ако можат да се препознаат предупредувачки знаци, тоа може да помогне да се спречи трагедија.
Бурден (61) и Спејд (55) се обесија во рок од три дена, на различни континенти, додека најновите податоци покажуваат зголемување на стапката на самоубиства во речиси секоја сојузна држава во САД од 1999 година. Најголемото зголемување е кај лицата меѓу 45 и 64 години, велат од Центарот за контрола и спречување на болести.
Претходни истражувања покажаа дека за тоа придонесуваат и економски проблеми и опиоидната криза.
„Важно е сите да знаат кои се тие предупредувачки знаци, за да може да се интервенира. Не е штетно ако некого прашате дали има самоубиствени мисли и да му кажете дека се грижите“, вели психијатарката Кристин Мутие.
Ова се најчести симптоми на однесувањето кое може да доведе до самоубиство:
- Ако зборуваат дека се чувствуваат безнадежно, заробено и товар на други или дека сакаат да умрат.
- Необични промени во расположение или повлекување од семејството, пријатели и редовни активности.
- Откажување од работи кои им биле важни.
- Зголемено консумирање алкохол и дрога.
„Има многу самоубиства на луѓе за кои не било познато дека имале ментални проблеми. Тие не биле третирани за тоа и тоа е многу загрижувачки. Лекарите во секоја прилика треба да ги прашуваат пациентите за нивното ментално здравје и да го проценуваат ризикот од самоубиство“, вели д-р Џошуа Гордон од Националниот институт за ментално здравје.