Кралицата Елизабета Втора присуствуваше на специјален концерт во Лондон, на којшто големи поп-ѕвезди пееја во чест на нејзиниот 92. роденден, што го прослави денеска.
Шоуто го отвори Том Џонс, по што најдолговечниот жив монарх на светот го зазеде своето место во кралската ложа на „Ројал Алберт хол“, опкружена од членови на своето семејство.
На сцената, меѓу другите, се појавија и Кајли Миног, Стинг, Шеги и Крег Дејвид и кралицата на овој начин малку ја прекрши традицијата, откако досега вообичаено го славеше роденденот во приватен амбиент, во кругот на семејството.
Родена на 21 април 1926 година, Елизабета имаше само 25 години кога беше крунисана за кралица, што значи дека веќе 66 години е на тронот, што ја прави рекордерка во британската историја.
Таа има и „официјален“ роденден во јуни, што се одбележува со голема парада на војници низ централен Лондон.