СТРУМИЧАНЕЦОТ ДРАГАН КРСТЕВ ТРГНА ЗА АНГЛИЈА СО 47 ГОДИНИ СТАРА „ЗАСТАВА 101“, ЗА СЕКОЈ СЛУЧАЈ ЗЕМАЛ ЦЕЛА ГАЈБА СО РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ

    СТРУМИЧАНЕЦОТ ДРАГАН КРСТЕВ ТРГНА ЗА АНГЛИЈА СО 47 ГОДИНИ СТАРА „ЗАСТАВА 101“, ЗА СЕКОЈ СЛУЧАЈ ЗЕМАЛ ЦЕЛА ГАЈБА СО РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИКрстев го купил возилото при последната посета на Македонија, а назад тргнал со братучед ми Љубиша Велиновиќ (Фото: СДК.МК)

    Струмичанецот Дрaган Крстев тргна од родното село Ангелци за Англија со „застава 101“ старо половина век оти сакал да се вози по улиците на Лондон со автомобил во кој ги научил првите чекори како возач и мајстор. Крстев, кој живее во Лондон веќе две децении и има своја механичарска работилница, вели дека зад себе оставил многу автомобили, но „застава 101“ му останала прва љубов, ја купил при последниот одмор во земјава и решил со неа да се врати во Англија.

    „Овој автомобил ми носи убави спомени кога со татко ми учев да возам, менувам гуми и поправам одредени дефекти. ‘Застава 101‘ беше мојата прва автомобилска љубов. Со вакво возило положив и станав мајстор. Мислам дека ќе успееме да стасаме до Лондон. Со мене е братучед ми Љубиша Велиновиќ, а во возилото имаме цела гајба резервни делови и две кутии алат, оти тоа е стандард за ‘застава 101‘. Ако ни се случи дефект, на самото место ќе го поправам и ќе продолжиме“, вели Крстев, додавајќи низ смеа дека животот е краток за возење досадни автомобили.

    На патот до Англија долг 2.560 километри ќе поминат низ шест држави (Фото: СДК.МК)

    Возилото е произведено во 1973 година. Драган успеал да го „стегне“ за долги релации. Трасата од Струмица до Лондон изнесува 2.560 километри. Веќе ја поминале унгарската граница и преку Австрија, Германија, Белгија и Франција треба да стигнат до Англија.

    „Низ Србија немаше возило, а да не нѐ поздрави или свирне по нас. На српската и унгарската граница ни приоѓаа луѓе и се распрашуваа за возилото, а некои се и фотографираа. Кога велам дека патувам за Лондон, сите се изненадени. Немаме засега проблеми, возиме 80-90 километри на час и правиме паузи. Клима нема, но тука се двата ‘лептира‘ кои дуваат и прозорците. Кога ќе стасам во Лондон, прво ќе направам фотосесија пред Бакингамската палата“, кажа Крстев и рече дека ова возило ќе го користи за градско возење низ Лондон.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира