Организаторите на струмичкиот карневал финансиски ги поддржаа здруженијата и карневалските групи кои спремаат маски за годинашново карневалско дефиле кое ќе се одржи на 9 март. Во зависност од масовноста и категоризацијата на маската, здруженијата и групите добија од 300 до 400 евра помош за изработка на маските.
„Добивме средства. Не дека се големи парите, но во секој случај се добредојдени. Еве со тие пари ги набавивме материјалите што ги користевме за изработка на маските. Помош е“, коментираа карневалџиите од Струмица.
Градскиот комитет на ФЕКК од Струмица потврди дека групите што се пријавиле финансиски ги стимулирале за да изработат поквалитетни маски.
„Ние минатата година за првпат добивме пари од Министерството за култура и тие средства наменски сакаме да ги дадеме и тоа на здруженијата кои прават маски и се коренот на манифестацијата. Се надевам дека ќе се подобри квалитетот, но и квантитетот на маските“, кажа Ване Ристов Патриков, член на организацискиот одбор на струмичкиот карневал.
Лани, по пауза од неколку години, министерството за култура за ова манифестација додели околу 1,5 милион денари. Годинава, согласно објавената програма средствата се намалени за 400 илјади денари што ги изненади и разочара организаторите, кои од општината пак добија 2,5 милиони денари за организација на карневалските денови.
„Очекувам огромна посетеност годинава. За тоа говори фактот што уште од сега се резервирани сите хотелски капацитети. Колку за илустрација лани за време на главното карневалско дефиле преку граничниот премин Ново село од Бугарија во земјава влегле 7.000 посетители“, вели градоначалникот Коста Јаневски.
Карневалот годинава започнува на 6 март и ќе трае до 13 март и во тој период ќе има повеќе концерти и забави под маски, изложби на карневалски фотографии но и изложба на карикатури и афоризми.
В. ТРАЈКОВ