Веселиот Дедо Мраз во црвен костум кој носи подароци за Нова година е сакана и препознатлива фигура во поголемиот дел од светот. Тој е многу магичен, чуден лик, но приказната за неговото потекло има корени како вистинска историска личност – Свети Никола од Мира. Многу малку се знае за животот на Свети Никола, но историските докази потврдуваат дека тој бил жив човек, кој живеел во третиот и четвртиот век од нашата ера.
Се смета дека е роден некаде околу 280 н. е. во пристанишниот град Патара во Ликија, во близина на Мира во денешна Турција, која во тоа време била дел од Римската империја. Често се вели дека потекнува од богати христијански родители и следејќи ги учењата на Исус го искористил целото свое наследство за да им помогне на сиромашните и болните. Уште како млад човек патувал во Палестина и Египет. Набргу по враќањето во Ликија, станал епископ на Мира. Кога римскиот император Диоклецијан го започнал прогонувањето на христијаните во 303 н. е., Никола бил затворен и најверојатно мачен. Точниот датум на смртта на Никола е оспорен, но се смета дека умрел на 6 декември 343 н. е. Ако е точно, Свети Никола би бил во неговите 60-ти или можеби 70-ти години кога умрел, што се сметало за зрела старост во тоа време.
Во рок од еден век по неговата смрт, се појавил култ околу него. Набргу, Свети Никола станал центар на низа народни легенди. Една легенда раскажува како запрел силна бура за да го спаси екипажот на брод кој ќе доживеел бродолом (за што станал светец-заштитник на морнарите), а друга раскажува како воскреснал три деца кои биле убиени од месар (што му го зацврстува неговиот статус како заштитник на децата).
Во првата половина на 9. век, византискиот монах познат како Михаил Архимандрит ја напишал првата целосна хагиографија на Свети Никола. Неговиот „Животот на Свети Никола“, дополнително ја затврди репутацијата на Никола, особено низ Европа. Во средниот век, Свети Никола станал еден од најпопуларните и најпочитуваните светци. Денот на Свети Никола, 6 декември, според јулијанскиот и 19 декември според грегоријанскиот календар и денес се слави во многу земји, но сега е далеку во сенка на Божиќ.
Како што европските имигранти доаѓаа во Америка, така и различните културни традиции околу Свети Никола почнале да се спојуваат, меѓу кои и датумите на прославување, при што 6 декември беше споен во традиционалните свечености одржувани на 25 декември. Холандските доселеници со себе го донесоа Синтерклаас, нивната верзија на Свети Никола кој на крајот се трансформираше во Дедо Мраз.
Потоа, во 1823 година e објавeна поемата на Клемент Кларк Мур „Посета од Свети Никола“ (попозната како „Ноќта пред Божиќ“), која во голема мера влијаеше на современата американска претстава за Дедо Мраз како радосен, дебеличок лик кој носи играчки.