Среќа е што има добри луѓе кои ми го најдоа синот, вели поп-пејачката Ребека Јанковска-Ристески која во неделата на социјалните мрежи објави дека нејзиниот постар син Маркијан кој има 18 години исчезнал од станот. Маркијан боледува од ретката болест туберна склероза и досега не излегувал од дома без придружба.
Кога излегол од станот, тој бил дома со татко му, д-р Милан Ристески, кој во тоа време бил во тоалетот и си ја преврзувал повредата на ногата. Жена која Ребека не ја познава, откако ја видела нејзината објава на Фејсбук, му се јавила на сопругот кој е таксист, и тој го пронашол момчето.
„Маркијан е дома, добар е, а инаку беше многу исплашен. Среќа што брзо реагиравме и што има добри луѓе кои ни помогнаа. За да го најдеме Маркијан, се вклучи и полицијата и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Една жена која воопшто не ја познавам, а ме следи на Фејсбук, ја видела мојата објава и вклучување во живо и се јавила на својот сопруг кој е таксист, и кога му јавила на сопругот, тој многу брзо го забележал Маркијан, така што за некои 25 минути го најдовме“, вели поп-пејачката која е и основач и претседателка за здружението за лица со ретки болести “Дајте ни крилја“.
Во моментот кога синот излегол од станот, Ребека со двата помали синови, близнаците Макариј и Доротеј, биле на роденден кај мајка ѝ. Постариот син и сопругот, кој поради повредата не можел да вози, ја чекале дома да ги земе и да ги однесе на роденденот.
„Од дома изглегол додека Милан бил во тоалет, и си ја преврзувал ногата. Вратата беше отклучена затоа што бевме договорени да ги земам јас од паркингот пред нашата зграда. Маркијан излегол самиот, веројатно знаејќи дека јас ќе го чекам. Кога Милан видел дека го нема во ходникот, се обидел да го стаса надолу по скалите, но Маркијан бил побрз од него. Кога стасав на паркингот и кога дознав што се случило веднаш објавив. Сега е добар, смирен, и среќа е што таксистот откако го препознал многу смирено му пришол, го прашал како се вика, па седнале на едно ѕидче и потоа ни се јавија на нас. Стасал од кај нас (близу Педагошката академија) до Католичката црква, доста улици изодел“, вели пејачката.
Ребека вели дека е среќна што се случило преку ден и било недела додека улиците биле празни и им е многу благодарна на сите луѓе кои ја споделиле објавата на социјалните мрежи и помогнале да се најде синот.
М. ЏАРОВСКА