Тетовци отсекогаш важеле за добри занаетчии, а нивните производи биле мошне барани. Но, при крајот на 19. и почетокот на 20. век, налетот на индустриските поризводи почнува да ги загрижува овдешните занаетчии кои со своите рачно направени производи и повисоките цени не можеле равоправно да се натпреваруваат на пазарот. Меѓу занаетчиите најзагрозени се почуствувале чевларите или кондураџиите, како што тогаш ги викале во Тетово. Сепак тетовци не се предавале така лесно. Во таа борба за опстанок тогаш најугледниот тетовски чевлар Миче Антовски-Батлакот, успеал рачно да направи така убави чевли кои ги носел и турскиот султан Абдул Хамид и за кои на тетовскиот мајстор му доделил еден сребрен медал и диплома.
За оваа случка од тетовската историја прв пишувал новинарот на весникот „Нова Македонија“ Душко Варналиев, кој тогаш бил дописник од Тетово, а текстот е објавен во весникот во јуни 1961 година. Мајсторот Миче Антовски-Батлакот, кој тогаш важел за прочуен мајстор-кондураџија, имал дуќан во Горна Чаршија. Еден ден во 1901 година додека седел пред дуќанот се видел со трговецот на колонијални и мануфактирни стоки на големо, Ецо Богоевиќ. Мајсторот Миче му се пожалил на Ецо дека тешко оди работата, дека нема нарачки, калфите и чираците седат без работа додека луѓето повеќе сакаат да купуваат од фабрички направените чевли.
„Исфрли на пазар јеменлии чевли со украси. Во Истанбул, Солун, Битола и Скопје сега се во мода“, го посоветувал Ецо, кој вршејќи ја својата работа, многу патувал па знаел што бараат луѓето и што е модерно во овие големи градови. После овој совет добиен од неговиот пријател Ецо, мајтор Миче долго време размислувал што да прави. Ги собрал седуммината чираци и калфи, кои тогаш работеле кај него, уште еднаш се посоветувал со нив и решил „Ќе направам чевли, мошне убави“.
Што решил тоа и направил. Ги изнел чевлите пред дуќанот, а тие биле толку убави што веднаш го привлекле вниманието на луѓето кои минувале низ чаршијата. Многу луѓе се насобрале да ги видат чевлите какви до тогаш никој во Тетово ниту видел, ниту направил. Меѓу тие што ги гледале биле и еден турски чиновник кој работел во поштата и тетовскиот кајмакам. Турски чиновник кој работел во поштата ги зел да ги проба чевлите. Тие многу му се бендисале и веднаш прашал за цена. „Две бели меџидии“ одговорил мајторот Мичо, а таа цена воопшто не била мала. Турскиот чиновник веднаш извадил пари и му платил и си заминал. По него тргнал и кајмакамот но, застанаи и се вратил кај мастор Миче. Го повикал настрана и доверливо му рекол да направи уште еден чифт чевли, „За султанот“, му шепнал во доверба. Пак мајсторот Миче се нашол во недоумица што да прави, па решил повторно да се посоветува со Ецо Богоевиќ. Овој му рекол да не размислува многу. туку да се фати за работа бидејќи ваква прилика еднаш се дава.
Мајстор Миче го послушал пријателот и почнал да работи, а мерка за чевлите на султанот зел според ногата на Ецо. За мајсторијата на Миче Антов некако разбрал и Афуз паша, кој го повикал да работи во чевларската работилница во Скопје за да им го пренесе занаетот на триесетина тамошни мајстори. Два месеца Миче таму работел, а кога се вратил во Тетово бил повикан во конакот каде се одржала мала свеченост во негова чест. Истиот тој ден во „Шарено кафе“ (меана која се наоѓала спроти денешниот Суд) Абдураман Бејлердабег пред сите присутни ја прочитал веста која била објавена во весник а која гласела: „Ефенди Миче Антоски од Калкандели (Тетово) е награден од султанот Абдул Хамид со медал и диплома ‘За угледно занаетчиство’ во што се осведочил благодарејќи на подарените му чифт лакувани чевли, што тежеле едвај 80 драма!“. Ова признание и оваа награда биле навиствина значајни не само за мајстор Миче туку и за сите тетовски кондураџии.
Мајстор Миче умрел во длабока старост, на 98 години. Пред својата смрт медалот го предал на Тетовскиот музеј кој тогаш се наоѓал во Арабати баба Теќе. Но, на медалот, после конфликтот од 2001 година, кога музејот беше исфрлен од просториите во Теќето, му се губи трагот.
З. АНДОНОВ