Цените на голем број електронски уреди кои секојдневно се користат би можеле значително да пораснат во текот на 2026 година, како последица на драстичниот скок на цената на РАМ-меморијата, која од октомври 2025 година е повеќе од двојно зголемена. Оваа компонента, која до неодамна се сметаше за една од најевтините, е клучна за функционирање на сè, од паметни телефони и телевизори, па до софистицирани медицински помагала.
Главната причина за ваквиот тренд е експлозивниот раст на центрите за податоци кои ја напојуваат вештачката интелигенција (AI), за чии потреби се неопходни огромни количини меморија. Ова создаде дисбаланс помеѓу понудата и побарувачката, принудувајќи ги производителите да ги зголемат цените.
„Добиваме понуди за цени кои се за околу 500 отсто повисоки отколку пред само неколку месеци“, вели Стив Мејсон, генерален менаџер на „Сајбер-Пауер-Пи-Си“. Тој додава дека производителите наскоро ќе бидат принудени да ги префрлат овие трошоци врз крајните потрошувачи.
Крис Милер, автор на книгата „Војна за чипови“, го посочува развојот на вештачката интелигенција како главен фактор кој ја движи побарувачката. Според него, цените често флуктуираат врз основа на пазарните услови, но моменталната побарувачка за меморија со висок пропусен опсег е без преседан.
Експертите од „Тек Инсајтс“ предвидуваат дека снабдувањето нема да ги задоволи потребите на технолошките гиганти како „Амазон“ и „Гугл“. Кај персоналните компјутери, меморијата вообичаено учествува со 15 до 20 отсто во вкупниот трошок, но со сегашните цени тој сооднос се искачува на 30 до 40 отсто.
„Маржите кај повеќето потрошувачки категории не се доволно длабоки за да ги апсорбираат овие зголемувања“, вели Мајк Хауард од „Tек Инсајтс“. Тој проценува дека производната цена на еден лаптоп во 2026 година би можела да порасне за 40 до 50 долари, додека кај паметните телефони зголемувањето би било околу 30 долари.
Како резултат на овие движења, корисниците во 2026 година ќе се соочат со тежок избор: да платат повисока цена за уред со исти перформанси, да прифатат послаб уред за истата сума или да продолжат да ја користат старата технологија подолго од планираното.



