ТУРСКИТЕ ТУРИСТИ ВО БИТОЛА СЕ ФОТОГРАФИРААТ ПРЕД КУЌАТА НА ЕЛЕНИ КАРИНТЕ, ЧИЈА ЉУБОВ СО КЕМАЛ АТАТУРК СÈ УШТЕ Е НЕПОТВРДЕНА ПРИКАЗНА

    ТУРСКИТЕ ТУРИСТИ ВО БИТОЛА СЕ ФОТОГРАФИРААТ ПРЕД КУЌАТА НА ЕЛЕНИ КАРИНТЕ, ЧИЈА ЉУБОВ СО КЕМАЛ АТАТУРК СÈ УШТЕ Е НЕПОТВРДЕНА ПРИКАЗНАТуристите се фотографираат пред куќата на Каринте но под погрешен балкон, зашто вистинскиот на кој таа излегувала денес не гледа на Широк Сокак туку во тесен ходник од страна. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од еден век живее љубовната приказна за таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, и убавата рисјанка од Битола, Елени Каринте. Приказната се повеќе намамува турски туристи во Битола, кој бил град на конзули во време на Отоманската империја. Тие се фотографираат пред куќата на Каринте но под погрешен балкон, зашто вистинскиот на кој таа излегувала денес не гледа на Широк Сокак туку во тесен ходник од страна. Наспроти туристите кои се воодушевени од бесмртната љубов, битолчани од секогаш биле скептични за тоа дали навистина постоела оваа интернационална романса.

    Куќата на Каринте во минатото. (Архивска фотографија)

    Љубовната приказна потече од битолскиот хроничар Димитар Димитровски-Такец, поранешен дописник на весникот „Нова Македонија“ од Битола. Хроничарот почина во 2015 на 93-годишна возраст, а на нашата средба пред смртта ми ги раскажа сознанијата до кои дошол.

    Ататурк бил ученик во воената гимназија во Битола (1896-1899), а повторно се вратил како генералштабен офицер (1907-1909); – Од Спомен-собата на Ататурк во Битола. (Фото: СДК.МК)

    „За оваа голема љубов дознав во 1955 година, кога како млад новинар во својот дом ме покани битолскиот печатар Ристо Киријас. Неговата сопруга Ирина, која беше братучетка на Елени Каринте, ми ја раскажа за романсата. Се работеше за ќерка на богатиот трговец со јажиња и восок Ефтим Каринте, чија куќа беше во центарот на Битола. Младите се зближиле преку францускиот јазик, а Турчинот не само што зборувал убаво француски туку ја магепсал со сините очи“, раскажуваше Такец.

    Од романсата денес недостигаат многу факти за да биде историски потврдена. Едно од отворените прашања е каде се сретнале Мустафа и Елени? Дали тоа било во времето кога тој бил ученик во воената гимназија во Битола (1896-1899) или кога се вратил како генералштабен офицер (1907-1909)?

    Од Спомен-собата на Ататурк во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Во книгата „Перформансите на Широк Сокак“ што ја објави пред смртта, Такец признава дека и тој си го поставувал тоа прашање. Запишал: „Дали најнапред размениле погледи таа од балконот на Каринтевци, а тој од трикатницата Учкатли, во која била сместена централната полициска станица на Широк Сокак, во која работел роднина на таткото на Ататурк? Или Елени го видела за првпат Мустафа на парадата на кадетите?“

    Ако се земат предвид историските факти, првите симпатии меѓу кадетот и битолчанката не било можно да се родат за време на парадата на Широк Сокак во 1899. Тогаш Елени имала само девет години, ако се точни претпоставките дека била родена 1890. Мустафа бил 18-годишно момче.

    Делот од приказната кажува дека во куќата на богатиот трговец, Мустафа дошол со роднината на татко му. Мајката на Елени рекла „нашето девојче ќе ви покажи на малиот клавир ‘клавсен’ што научи да свири кај Французинките (учителки во Битола)“. Така, Елени пред Мустафа ја отсвирела песната „Брате Жак“.

    Историски потврдени факти се дека по школувањето во Битола турскиот кадет Мустафа заминал на Воениот колеџ во Истанбул. Дури по осум години се вратил пак назад, како началник на штабот на Третата армија во Битола.

    Од Спомен-собата на Ататурк во Битола. (Фото: СДК.МК)

    „Според последните мои истражувања, сосем логично е тогаш да се случило сето тоа. Годините на живеење на Елени се совпаѓаат со тој период, ако била родена во 1890 година, тогаш романсата Ататурк-Каринте можела да се случи само тогаш кога таа имала дваесетина години, а тој 28“, пишува Такец во книгата.

    Како вистински податок за нивната врска може да се смета тоа што братучеката Ирина Кирјази раскажала дека Елени побегнала со Турчинот. Родителите веднаш го ангажирале грчкиот владика во Битола, кој преку влијателни Турци успеал да ја врати Елени дома.

    До денес нема прецизен одговор каде избегале. Дали во Солун кај мајката на Мустафа или во куќа во близина на денешниот ресторан „Ловец“? Ирина Киријас кажала само дека по некое време, трговецот Ефтим ќерката ја омажил со најдобриот калфа Тодор со голем мираз од 900 наполеони. Сопругот на Елени и двете деца умреле во Првата светска војна, а таа избегала за Лерин пролетта 1917, кога Битола кога бил жестоко бомбардиран.

    Се претпоставува дека живеела 90 години, што значи починала околу 1970 во некое леринско село. Има шпекулации дека до крајот на животот примала чек од некого. Нејасно е зошто пред повеќе децении никој не усепал да ја најде и точно да ја запише приказната. Повеќето битолски историчари не сакаат да зборуваат на оваа тема, зашто ја сметаат за приказна. Битолчани пак, велат дека и да не постоела реално љубовта добро е што се измислила. Сметаат дека денес е имиџ на градот и треба да живее.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира