УЧЕНИЦИТЕ ОД БИТОЛСКОТО СЕЛО ИВАЊЕВЦИ ЈА ПРЕТВОРИЈА УЧИЛНИЦАТА ВО БАЈКАТА „ДЕВОЈЧЕТО СО КРИБРИТЧИЊАТА“

    УЧЕНИЦИТЕ ОД БИТОЛСКОТО СЕЛО ИВАЊЕВЦИ ЈА ПРЕТВОРИЈА УЧИЛНИЦАТА ВО БАЈКАТА „ДЕВОЈЧЕТО СО КРИБРИТЧИЊАТА“Тажната бајка послужи како инспирација за новогодишни украси и да се извлечат хумани пораки. (Фото: СДК.МК)

    Куќички од кибритчиња и други материјали направија четвртоооделенците од Основното училиште „Кочо Рацин“ во село Ивањевци, Могила, за девојчето со кибритчињата од познатата бајка на Ханс Кристијан Андерсен да има топол дом. Ова беше само дел од волшебната училница на одделенската наставничка Весела Богдановиќ, позната по нејзината креативност од наставата да создава бајка и преку игра и приказни да им ги доближува наставните содржини на учениците.

    Тажната бајка успеja да ја оживее во училницата, но позитивен пресврт е што им послужи како инспирација за новогодишни украси и да се извлечат хумани пораки дека треба да им се помага на другите.

    „Активностите ги завршивме со запишување идеи и предлози за тоа како секој еден од нас може да прави позитивни промени за луѓето околу себе“, вели наставничката. (Фото: СДК.МК)

    „Оваа година нашите лампиони беа инспирирани од најубавата бајка. Од кибритчиња си направивме куќички за девојчето со кибритчиња да има свој топол дом, а во секоја куќичка добра порака. Така, имавме игра со извлекување дрвца со напишана порака за направи три добрини и поука или совет за човечност, емпатија, помагање и разбирање на другите околу нас. Да, одлучивме да биде ден за добри мисли и добри дела“, вели Богдановиќ.

    Таа на миг помислила дека оваа приказната е тажна и дека може да избере друга со весела содржина, но одлучила да им ја прикаже реалноста на децата, дека животот не е составен само од среќни мигови и среќни луѓе кои живеат удобно. Но, дека со своите дела можат да ги подобрат состојбите кон подобро.

    Наставничката Весела Богдановиќ е позната по нејзината креативност од наставата да создава бајка. (Фото: СДК.МК)

    „Децата ги подготвуваме за живот и токму затоа имаме обврска да ги водиме по сите патишта, а не со избегнување само по лесните и среќните. Важно е да научат, но и ние возрасните да се потсетиме дека секој наш мал чекор со добрина, дарување, споделување, добродушност и емпатија кон другите е голем чекор за поубав свет и дека сите имаме одговорност да учествуваме во негово градење“, вели наставничката.

    Заедно со учениците изработија и подароци токму од кибритчиња. Во внатрешноста на кутијата исцртаа мини зимски сцени. Потоа, ставија по една мудра мисла за добрини, но и по три согорени чкорчиња за потсетуваат на судбината на бедните, на девојчето од приказната и да се знае дека е потребен секој да помогне секаде каде може.

    Преку играта интегрираа повеќе наставни содржини. Учеа за описни придавки по македонски јазик. Пената за бричење им беше дидактичко средство за забавно учење. Во неа се криеја именки и придавки. Ги извлекуваа, ги спојуваа соодветно, дополнуваа нови.

    Наставничката ги учи децата дека со своите дела можат да ги подобрат состојбите кон подобро. (Фото: СДК.МК)

    „Воведовме игра ‘Од сиромашни до богати реченици’. Реченици поврзани со девојчето и кибритчињата, збогатувавме со опасни придавки и гледавме како растат богати за миг. Низ нашите реченици креиравме и позитивна пресвртница во текот на приказната, мигови за нов подобар живот на девојчето, овозможени од добри граѓани кои му помогнале од срце“, вели Богдановиќ.

    Вежбите за описните придавки продолжија дури и низ математичките задачи во кои пресметуваа време помеѓу две случки, тек на активности на девојчето во денот и слично, читање време на часовник, претварање на време во различни единици. Плус гратис римски броеви, а од ликовно воспитување облици и бои во декортивни цели.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира