Пред повеќе од еден век унгарските новинари пишувале дека најубавите европски колачи, торти, сладоледи и бомбони не се прават во Париз, Милано, Берлин или Лондон, туку во Будимпешта. И денеска Унгарците се горди на своето слаткарство, затоа што и по 100 години по истите рецепти се готват најпознатите слатки во Будимпешта. Унгарската амбасада го претстави и унгарското слаткарство во Недели на унгарската култура во Македонија, по повод 25-годишнината од почетокот на дипломатските односи меѓу двете земји, покрај музиката, уметноста, фотографијата и книжевноста. Под мотото „Амбасадори на слаткото – Гастро дипломатија“, во Куманово се одржа изложба на фотографии и дегустација на најпознатите унгарски слатки и вина.
„Слаткарството е еден многу значаен сегмент во унгарската гастрономија. Од сликите можете да видите дека Будимпешта беше втор град во рамките на австро-унгарската монархија, беше во нагорна линија на развојот, многу признат велеград. Се развиваше во многу области, но и слаткарството едно од нив. Се надеваме дека вечерва ќе добиете слика за достигнувањата од оваа област. Ова е една од работите на кои Унгарците сме многу горди и се надевам дека оваа традиција ќе продолжи, бидејќи опстојува повеќе од 100 години, овие слатки настанале тогаш и ден-денеска живеат и можат да се најдат во слаткарниците во Будимпешта. Ние кога ја организиравме изложбата рековме нема смисла да се организира изложбата без да се вкусат слатките“, рече унгарскиот амбасадор Ласло Дукс на отворањето на манифестацијата.
Добош торта, Жербо коцки, штрудла, тортите Ракоци и Риго Јанчи, палачинката Гундел, се само дел од познатите унгарски слатки, кои по традиционалните рецепти стари повеќе од сто години, ги готват врвни мајстори и се продаваат во најпознатите слаткарници во Будимпешта. Специјално за македонските гости дел од слатките, Жербо коцки, Добош торта, тортите Риго Јанчи и Ракоци со младо бело сирење, ги направија ученички – слаткарки, предводени од нивниот професор Ласло Арпа, директор на средното стручно училиште за прехрамбена индустрија во Будимпешта.
„Во Македонија се готват слатки од источните земји. Во македонските слатки доминира големо количество шеќер, мед, какао, чоколада, ореви, сè за да човек се чувствува убаво. Кај нас е разликата во тоа што многу построги се критериумите на слатките, едноставно не може да излезе на пазар ако не е направено на начин како што е опишано во книгите и ако не ги содржи оние состојки кои се пропишани во рецептурата. Така што, малку сме построги во изработката на слатките. Има луѓе кои се обидуваат да експериментираат, но јас лично не сум поборник на новокомпонираните слатки. Тоа е исто како знакот на мерцедес да го ставите на некој друг автомобил, ако тој не ги содржи тие елементи“, рече Арпа.
Добош тортата е една од најпознатите торти во светот и најпозната унгарска торта. Го добила името по Јожеф К. Добош (1847-1924), кој потекнувал од семејство на одлични готвачи. Неговиот прадедо работел како готвач во дворот на принцот Ференц Ракоци Втори. Јожеф Добош го совладал занаетот прво кај татко му, а потоа во кујната на грофот Андраши и неговото семејство. Во 1878 отворил продавница за деликатеси во Будимпешта, каде што продавал гурманска храна што ја правел самиот, на општо задоволство на муштериите. За време на Државниот саем во 1885 и Милениумскиот саем во 1896, имал ресторан каде што покрај високите ценети муштерии, и обични луѓе чекале во редови за да ги пробаат неговите паштети од тартуфи, паткин џигер, кашкавали маринирани во вино, домашни оцети, скиселен аспарагус и грашок.
Познатата Добош торта била претставена на Државниот саем во 1885. Не можел да постигне со нарачките колку била барана. Подоцна правел огромни количини, па ги праќал по градовите во Западна Европа во сандаци со мраз. Отпосле многу слаткари се обиделе да го откријат неговото мајсторство, но не успеале. Тајната била во тоа што за да се добие филот, мајсторот го мешал путерот со путер од какао, поради што филот бил неверојатно гладок и и превкусен. На Добош му се смачило од имитаторите, па во 1906 им го подарил рецептот на Трговското здружение на слаткари и пекари на колачи со ѓумбир, за сите негови колеги да може да го зготват. Своевидниот пандишпан со кремаст фил и прелив од глазирана карамела и ден денеска е една од најпознатите унгарски торти.
Не помалку препознатлив е и Жербо колачот, кој се прави со пекмез, ораси и чоколадо, а го носи презимето на познатиот Емил Жербо (1854-1919), роден во Женева во слаткарско семејство. Занаетот го испекол во Германија, Франција и Анлија, а подоцна отворил слаткарницата и фабрики за чоколадо во Будимпешта. За кусо време во познатата слатакариница „Жербо“ работеле 60 наместо десет помошници, како и дваесет продавачки, пакувачи и пет курири, но едвај успевале да ја задоволат побарувачката. Во работилницата произведувале над 100 вида чајни колачи и бомбони. И самите кутии биле уметнички дела. Новата слаткарница била прва во која се правеле „мачкин јазик“ и чоколадирани вишни со бренди што и денес се познати во светот поради одличното унгарско овошје.
Една од најпознатите торти била парчето на Жербо, сестра на виенската Захер торта. Основните состојки се се слични, но од филот со ореви, деликатниот џем од праска и чоколадната глазура се добива поинаква хармонија во Будимпешта отколку во Виена. Нема турист што пропушта да го проба ова или друго деликатесно слатко на Жербо.
Тортата Ракоци со младо бело сирење ја измислил Јанош Ракоци (1897- 1966). Големиот унгарски готвач работел во Париз до 1924. Откако се вратил дома станал главен готвач во позната деликатесна слаткарница Нандор Хорват во центарот на градот. Освоил неколку златни медали на меѓународни натпревари. Во 1958 бил готвач на светскиот саем во Брисел, каде бил прогласен за еден од шесте најдобри готвачи во светот. Јанош Ракоци ја измисли тортата со младо бело сирење во 1930, инспиран од вешто изработените пити од старата унгарска кујна. Тортата се стекнала со светска слава во Брисел. Тајната на тортата е во специјалната комбинација на вкусови од младото бело сирење од унгарски крави и џемот од праска. Има слокеви од сладок бисвит, џем, младо бело сирење со павлака, султанина и пуслици.
На изложбата „Амбасадори на слаткото – Гастро дипломатија“, која се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово, беа поставени 24 банери со повеќе фотографии на кои се прикажани авторите на познатите рецепти и самите рецепти, добар дел од историјата на Будимпешта, како еден од најголемите градови од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Изложбата е дел од проектот Недели на унгарската култура во Македонија, во рамките на која се поместени повеќе изложби, концерти, гостување на поети, дваесетина програмски содржини низ повеќе градови на нашата земја,
С. НИКОЛИЌ