Стотина видови оружје, оригинални и уникатни експонати од сите историски периоди, почнувајќи од неолитот, преку средниот век и петвековната Османлиска Империја, до Првата и Втората светска војна, се дел од изложбата „Оружјето низ историјата“, која до 23 јуни ќе биде отворена во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип. Дел од оружјата се единствени на овие простори.
Во изложбените витрини на „Безистен“ се наоѓа уникатниот османлиски јатаган белопасец, изработен од посебен метал и со рачка од коска. Се претпоставува дека се работи за слонова коска, што му дава посебен белег и привлечност.

Штипскиот музеј е единствениот во Македонија кој чува пушка арнаутка од османлискиот период (Фото: СДК.МК)
„Вниманието на посетителите го привлекува и уникатната тенка пушка, една од најдолгите од османлискиот период, за која се смета дека датира од 1476 година. За тој период од пет века, оваа пушка е најдолгата со 1,70 метри. Кај кундакот, кој е украсен со повеќе орнаменти, најголемата ширина е четири сантиметри, а цевката, која е од метал, е со ширина од два сантиметри. Ја викаат и арнаутка, танчица, па пушка со кармен која се полни со барут, а го има и турскиот назив џефердер“, вели историчарката-кустос и советничка во Музејот во Штип, Емилија Коруновска.
Овие и неколку други изложени оружја се опеани и во народните македонски песни. Тука се познатата пушка „манлихерка М-95“ и белгискиот пиштол „наган“, што го користел и битолско-мариовскиот војвода Ѓорѓи Сугарев, кој, според народна песна, го употребил да се убие за да не биде фатен жив од непријателот.
Од времето на НОБ изложени се повеќе војнички пушки и митралези, а во една од витрините се наоѓа и кратката пушка „М-24“, која ја користел народниот херој од Штип, Славчо Стојменски.
Коруновска вели дека поголем дел од овие експонати се донирани од граѓани и биле најдени во ѕидови при рушење на стари куќи. Сосема мал дел се откупени, затоа што Музејот во Штип нема добиено од државата финансиска ставка за откуп на вакви вредни експонати и други артефакти.
Т. ЈОВАНОВСКИ