Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава и Министерството за здравство објавија видео со манекенката Катерина Ивановска за подигање на јавната свест, дека вакцинацијата е најдобрата мерка против заразни болести.
Ивановска во видеото вели дека некои работи никогаш не излегуваат од мода и дека вакцините делуваат. Таа кажува дека е вакцинирана, а откако пред една година стана мајка го вакцинира и своето дете.
Промотивното видео е изготвено во рамки на Европската недела на имунизацијата, а како што велат од Министерството за здравство идејата е јавни личности да кажат дали се вакцинирани и дали ги вакцинираат своите деца.
„Редовната вакцинација нè заштитува нас и нашите најблиски. Вакцините кои се користат во Република Македонија се произведени во земји членки на ЕУ, а се одобрени од Светската здравствена организација. Да ги заштитиме нашите деца, и преку вакцинирање на соодветна возраст да создадеме колективен и здрав имунитет“, вели министерот за здравство Венко Филипче во објавата на неговиот официјален Фејсбук профил, на кој е споделено и видеото.
Е. БОЧВАРОСКА