ВАСИЛ ГАРВАНЛИЕВ ЈА ПРЕТСТАВИ ПЕСНАТА ЗА ЕВРОВИЗИЈА, НО СЀ УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ЌЕ ЈА ПЕЕ ВО ЖИВО ВО РОТЕРДАМ

    ВАСИЛ ГАРВАНЛИЕВ ЈА ПРЕТСТАВИ ПЕСНАТА ЗА ЕВРОВИЗИЈА, НО СЀ УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ЌЕ ЈА ПЕЕ ВО ЖИВО ВО РОТЕРДАМГарванлиев е автор на музиката и текстот на „Here I Stand” (Фото: Фејсбук)

    Васил Гарванлиев, годинашниот евровизиски претставник на Македонија, денеска ја претстави песната „Here I Stand”. Музиката и текстот се дело на Гарванлиев, додека аранжманот и продукцијата се на Борче Кузмановски и Давор Јовановски. Вокалот на Гарванлиев е снимен во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, а придружните вокали во Чикаго. Тој го режираше и спотот, кој е сниман на повеќе локации, а содржи и кадри од чикашкиот Културен центар, каде што настапувал со детскиот хор од Чикаго.

    За сценскиот настап на Васил ќе се погрижат Швеѓанките Тине Матулеси и Мари Рибергер, кои беа задолжени и за сценскиот настап на Тамара Тодевска во 2019, а костимографијата е на Раде Василев. Бидејќи настапот на сцената во Ротердам е сѐ уште под знак прашање поради непредвидливоста на пандемијата, сите учесници се обврзани да снимат и резервна изведба на својата композиција во живо, во случај да нема настап на самото место. Изведбата на Васил е снимена во студио на РТС во Белград.

    Првичните коментари за песната, како и секогаш, се поделени. Вокалот и искрената интерпретација на Васил се неспорно квалитетни и би требало соодветно да бидат оценети од жиријата. Но, мелодијата, која потсетува на балада од филм на „Дизни“, се смета некако за „неевровизиска“ и ја нема кулминацијата што по Тамара сега сите ја очекуваат од нас. Во принцип, поексплозивните песни во побрз ритам секогаш подобро котираат пред секоја Евровизија, што е случај и годинава.

    Откако лани беше откажана во екот на пандемијата, Евровизијата повторно ја организира Холандија, како последна победничка во 2019 во Тел Авив. Тогаш Тамара Тодевска ѝ го донесе на Македонија најдобриот евровизиски пласман досега, откако севкупно заврши како седма во финалето, а прва по гласовите на жиријата.

    Гарванлиев ќе пее во првото полуфинале на 18 мај, покрај Австралија, Белорусија, Ирска, Литванија, Русија, Словенија, Шведска, Азербејџан, Белгија, Хрватска, Кипар, Израел, Малта, Норвешка, Романија и Украина. Фестивалот ќе се одржи од 18 до 22 мај во салата „Ахој“ во Ротердам.

    И. ТРАЈКОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира