ВАСИЛ СО ИМПРЕСИВЕН НАСТАП, НО НЕДОВОЛНО ЗА ФИНАЛЕ НА ЕВРОВИЗИЈА

    ВАСИЛ СО ИМПРЕСИВЕН НАСТАП, НО НЕДОВОЛНО ЗА ФИНАЛЕ НА ЕВРОВИЗИЈАВасил Гарванлиев со „Стојам тука“ не доби доволно гласови од жирито и публиката за да се пласира во финалето. (Фото: ЕБУ)

    (Специјално од Ротердам: Игор ТРАЈКОВСКИ)

    Васил Гарванлиев не успеа да обезбеди влезница за годинашното евровизиско финале во Ротердам. Неговата песна „Стојам тука“ (Here I Stand) не доби доволно гласови од жирито и публиката за да се пласира во првите десет од 16-те натпреварувачи во полуфиналето. За финале место изборија Литванија, Русија, Израел, Белгија, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Малта и Кипар. Покрај Македонија, в сабота на евровизиската сцена нема да ги видиме ниту Австралија, Словенија, Романија, Хрватска и Ирска.

    Сите се согласни дека вокалните способности и настапот на Васил се одлични, но изборот на песната беше дискутабилен уште од самиот почеток. Композиција во стил на мјузикл е нестандардна и ризична за евровизиската сцена, бидејќи може сосема да ја отуѓи публиката која не сака мјузикли, што, на жалост, се покажа како точно.

    По полуфиналето Ситсе Бакер, извршниот продуцент на Евровизискиот фестивал, гостуваше во познатата дебатна емисија „На прва“ на првиот канал на холандската телевизија и изјави дека, според него, македонскиот настап бил најимпресивниот момент на вечерта. Конрад Мас, долгогодишен водител на евровизискиот фестивал за Холандија, во истата емисија рече дека изведбата на Васил била извонредна и се надевал дека ќе има повеќе гласачка публика која сака мјузикли за Васил да добие пласман во финалето, но тоа, на жалост, не се случило.

    Утре, на втората полуфинална вечер, за преостанатите десет места во финалето ќе се натпреваруваат Сан Марино, Естонија, Чешка, Грција, Австрија, Полска, Молдавија, Исланд, Србија, Грузија, Албанија, Португалија, Бугарија, Финска, Латвија, Швајцарија и Данска. Финалето е в сабота, 22 мај.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира