ВЕЛЕШАНЕЦОТ ЛАМЊОВ ДЕЛ ОД ЦИРКУС-ОПЕРАТА НА ФИЛИП ГЛАС КОЈА ВЧЕРА ИМАШЕ ПРЕМИЕРА ВО МАЛМЕ

    ВЕЛЕШАНЕЦОТ ЛАМЊОВ ДЕЛ ОД ЦИРКУС-ОПЕРАТА НА ФИЛИП ГЛАС КОЈА ВЧЕРА ИМАШЕ ПРЕМИЕРА ВО МАЛМЕЛамњов свири во претставата заедно со уште шест музичари, кои се на сцената, заедно со циркузантите. (Фото: Приватна архива)

    Во Малме, Шведска, вчеравечер беше изведена премиерата на „Циркуски денови и ноќи“ на еден од најзначајните современи композитори, Американецот Филип Глас, во која учествува велешанецот Благој Ламњов. Тој свири на кларинет и е еден од музичарите кои настапуваат во претставата, која е спој со циркус.

    Во неа освен овие музичари, учествуваат и врвни циркуски имиња од целиот свет. Операта на Малме и „Циркус Циркор“ од Стокхолм се продуценти на ова дело. Ламњов свири во претставата заедно со уште шест музичари, кои се на сцената, заедно со циркузантите.

    „Искуството работејќи во оваа продукција е нешто спектакуларно за мене. Да седам неколку метри оддалечен од акробати и циркуски уметници кои прават чуда, кои претходно сум ги гледал само на телевизија, е неверојатно искуство. Ова го прифатив како привилегија да уживам во нивните точки гледајќи ги на неколку метра оддалечени од мене, а истовремено и јас да сум дел од таа претстава и да свирам со нив“, рече Ламњов.

    Во продолжение ќе бидат одиграни вкупно десет претстави до 13 јуни а планирана е турнеја низ светот во наредните години. (Фото: СДК.МК)

    Светска премиера на новата опера на Глас, е работена по либрето од Дејвид Хенри Хванг, а циркус режисер е Тилде Бјорофорс. Во оваа спектакуларна циркус-опера, се оживува поезијата на Роберт Лакс преку интернационален тим на светски акробати и циркуски уметници, оперски пејачи и музичари.

    „Режисерката проба да искористи некои од нас што имаме и други таленти. На пример, јас во една по сцената и жонглирам, а потоа ги фрлам топките и почнувам да свирам со кларинетот, за цел да се опише дека сме сите ние циркузанти, дури и музичарите. Имаме сцена кај што тројца музичари се спуштаме од осум метри височина на лулашка седнати и свириме“, вели Ламњов.

    Ќе бидат одиграни вкупно десет претстави до 13 јуни, а планирана е турнеја низ светот во наредните години. Ламњов живее и работи во Шведска, како слободен уметник. Претходно настапуваше во Градскиот театар на Стокхолм, во мјузиклот „Свирачот на покривот“, а свири и во Операта на Малме и Филхармонијата во Хелсинборг. Заедно со симфонискиот Холивуд концерт оркестар од САД има настапувано на концерти по Кина и Јапонија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира